ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОГЛАСЕНА ЗА „УМРЕНО“ Наместо да земе залет, Филипче го паркира моторот

Имунолозите признаваат дека малку е сторено за едукација на населението за важноста од вакцинацијата, но како што порачуваат, сега е повеќе од потребно нешто да се направи за стимулирање на населението, без разлика на цената што ќе ја плати државата.

1,609

Со имунизирано 43,6 отсто од вкупното население, Македонија е на половина пат до постигувањето колективен имунитет преку вакцинација, а нискиот процент на имунизирани граѓани и понатаму ќе продолжи да тлее, со оглед на анемичноста и незаинтересираноста на здравствените власти да го информираат и преку поинаков пристап да го стимулираат народот.

Самата кампања за вакцинација помина скромно и прилично незабележано, иако во неа беа вклучени познати граѓани, лекари, музичари, спортисти, актери. Од друга страна, токму во екот на таа кампања, кога бројките на нововакцинирани секојдневно опаѓаат, здравствените власти наместо да ја стават пропагандната машина од втора во трета брзина, тие одлучија да го исклучат моторот и да го затворат вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“.






Со ваков пристап не се постигнува колективен имунитет, коментираат здравствените работници со коишто разговараше Плусинфо, а кои велат дека вакцинацијата во никој случај не смее да запре и дека сега е најпотребно да се изнајде нов креативен начин за стимулирање на невакцинираното население.

Од друга страна, пак, првиот човек на Министерството за здравство, Венко Филипче, кој, впрочем, треба да го има последниот збор и да управува со локомотивата која ќе го одвлече народот во вакциналните кабини, секојдневно го гледаме на митинзите за локалните избори во организација на СДСМ, каде што без заштитна маска на лицето му се обраќа на локалното население, кое, пак, не одржува дистанца и пред неговите очи ги крши мерките за заштита од ширење на коронавирусот.

Тој рече дека е тешко на партиските митинзи да се бараат сертификати, но призна дека забелешката „држи вода“.

– Се согласувам дека забелешката ви е на место. Уште денеска ќе најдам начин да препорачам, до сите политички партии да најдат начин сето тоа да биде искоординирано и да се бараат сертификати за вакцинација – рече Филипче.

 

Фото: МИА

 

Нашите соговорници предупредуваат дека не ни се пишува добро ако оставиме сè на судбината и на политичарите, оти, како што велат, пропишаните епидемиолошки мерки и забрани веќе не помагаат, зашто речиси веќе никој не обрнува внимание на нив. Имунолозите признаваат дека малку е сторено за едукација на населението за важноста од вакцинацијата, но како што порачуваат, сега е повеќе од потребно нешто да се направи, без разлика на цената што ќе ја плати државата.

Швајцарците, на пример, кога увидоа дека нивната земја има една од најниските стапки на вакцинација во Западна Европа со само 58 проценти од вкупното население, си ставија прст на чело и смислија начин како да ги убедат невакцинираните да се вакцинираат, но не со казнување, туку со наградување.

Како што синоќа соопшти швајцарската влада, државата нуди ваучери за луѓето коишто ќе ги убедат своите пријатели и роднини да се имунизираат против ковид-19. Од секое ново вакцинирано лице ќе биде побарано да именува едно лице што го убедило да се вакцинира, за да биде наградено со ваучер во вредност од 53 долари, пишува АП.

Плусинфо испрати прашања до Министерството за здравство и побара одговор на тоа колку пари се вложени во кампањата за вакцинација и зошто кампањата е неуспешна, но оттаму сè уште не ни одговориле.

Размислувајте креативно

Доктор Виктор Исјановски од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во изјава за Плусинфо вели дека време е здравствените власти во земјава да почнат креативно да размислуваат и да смислат нов начин како да го убедат населението да се вакцинира.

Треба да започнеме да размислуваме креативно за да го убедиме народот дека вакцините се безбедни.

Д-р Виктор Исјановски Институт за јавно здравје (ИЈЗ)

– Не би можел да ја коментирам кампањата за вакцинација, но ќе кажам дека треба да се смисли нешто ново и нешто иновативно за да се стимулира населението. Швајцарија, на пример, иако звучи смешно, воведе мерка преку која секој граѓанин ќе заработи пари доколку убеди свој пријател да се имунизира. Не знам колку оваа мерка ќе вроди со плод во Швајцарија, но дефинитивно сметам дека и ние треба да започнеме да размислуваме креативно за да го убедиме народот дека вакцините се безбедни и дека ни е потребен колективен имунитет во борбата против пандемијата со коронавирусот – објаснува д-р Исјановски.

Тој вели дека вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ е затворен по наредба на Министерството за здравство, но дека причината за негово затворање е непозната.

– Во поглед на затворањето на вакциналниот пункт во „Борис Трајковски“, пристигна наредба од Министерството за здравство и јас морав да ги повлечам тимовите и да ги прераспределам во други поликлиники. Причината за затворање на пунктот не беше наведена во наредбата. Како и да е, вакцинацијата во никој случај не смее да запре и ние постојано иницираме за теренска вакцинација. Дури и само еден човек да изрази желба за вакцинирање, нашите тимови се подготвени веднаш да појдат кај човекот и да го вакцинираат – рече д-р Исјановски.

Директорот на Институтот за имунологија Александар Петличковски, изјави дека во моментов не треба да се форсира примањето трета доза, бидејќи, како што вели, сè уште има луѓе кои не примиле ниту прва доза.

– Третата доза нема да помогне во зголемување на колективниот имунитет бидејќи сè уште има луѓе кои не примиле ниту прва доза. Сега треба да се вакцинираат и децата, бидејќи поради децата кои одат на уччилиште се создаваат можности за пренос на ковид-19. Ако ги оставиме децата неиумунизирани, а тие одат на училиште, се создаваат можности за пренос на вирусот – рече д-р Петличковски.

Делта-сојот постави нови услови

Присуството на делта-сојот на коронавирусот дополнително ја зголеми потребата луѓето да се вакцинираат, изјавија официјални лица за „USA Today“, во извештајот објавен во неделата.

Епидемиолозите сега сметаат дека стапката на вакцинација ќе треба да достигне 90 проценти или повеќе за да се постигне оптимално ниво на заштита од ковид-19.

– Тоа што го научивме од делта-сојот е дека постигнувањето на вистинското ниво на заштита за населението бара да биде дури 90 проценти – рече Том Мекарти од Одделот за здравство на Род Ајленд.

И д-р Ерик Топол од истражувачката група „Скрипс“ се согласува со својот колега и вели дека процентот на вакцинирани за постигнување колективен имунитет сега се искачил на многу повисоко ниво.

– Сега ни се потребни 85 до 90 проценти вакцинирани луѓе против делта-сојот – вели д-р Топол за „USA Today“.

Д-р Ентони Фаучи, водечки американски експерт за заразни болести, уште во мај годинава истакна дека уште еден силен бран на инфекција наесен би можел да се спречи само доколку до 4 јули се вакцинира 70 отсто од населението во САД. 

Тој процент сè уште не е постигнат, бидејќи во моментов само 56,5 проценти од населението во САД е целосно вакцинирано против ковид-19, според статистичките податоци достапни на Универзитетот Џон Хопкинс. Повеќе од 185 милиони Американци се вакцинирани со двете дози.

Имало и полоши од нас

Многу земји во Африка се соочуваат со проблеми за снабдување вакцини против ковид-19, па процентот на вакцинирано население таму е едноцифрен. Некои, како Јемен, Сирија, Ирак, Авганистан и Мјанмар, страдаат од внатрешни немири и граѓански војни, други, пак, како Хаити, се погодени од природни катастрофи, па таквите состојби дополнително им ја отежнуваат задачата на здравствените власти за воведување вакцини, пренесува Би-Би-Си.

 

EPA-Phill-Magakoe-POOL

 

Виетнам, кој до пред неколку месеци беше земја со најмал број случаи на коронавирус во светот, исто така, падна под целта од 10 проценти вакцинирано население, а интересно е тоа што во Африка, само 15 од 54 земји ја постигнале целта од 10 проценти.

Половина од земјите на континентот вакцинирале помалку од два проценти од населението. Некои поголеми земји со големо население се далеку од двоцифрен процент на имунизирани.

Во Египет, само 5 проценти од населението е вакцинирано, а во Етиопија и Нигерија, помалку од 3 проценти.

Две земји на континентот – Бурунди и Еритреја – допрва треба да воведат програми за вакцинација.

 

Поврзани содржини