Исламска верска заедница во Република Северна Македонија ќе ги почитува правилата за транспарентност и во секој момент и прилика ќе им овозможи на медиумските претставници изворни информаци со единствена цел тие да ги извршуват задачите и должностите на правилен и независен начин, рече Фетах Шаќири, вршител на должност Реис на ИВЗ.
Вршителот на должноста претседател на ИВЗ, реисот Шаќири, уште истакна дека оваа институција се залага за целосна транспарентност кон медиумите и јавноста.
– Ние ќе бидеми отворени за сите медиуми. Ќе имате можност да поставувате какви прашање сакате. Ние ќе соработуваме со сите албански, турски, македонски медиуми. Моментално сме многу зафатени со делегации. Десет дена поминаа откако ја презедов функцијата. Ви ветувам дека ќе бидеме многу отворени со аргументи. Но, бараме да имаме искрен однос со вас, без некоја предрасуда – рече Шаќири.
Тој додаде дека медиумите ќе бидат поканети на сите настани на ИВЗ. Меѓутоа, вршителот на должноста реис на ИВЗ, не одговори од кои причини е отстранет поранешниот реис, Сулејман Реџепи. За разлика од неговиот претходник кој после молитвата на Рамазан Бајрам, го прогласи корона вирусот за мртов, Шаќири, истакна дека ИВЗ од првиот момент била во служба на олеснување да се надмине оваа болест.
– Ние сме верска институција и не сме компетентни да зборуваме дали болеста е вистинска или не е вистинска. Институции кои се професионални и компетентни потврдија дека во некои делови на државата вирусот почнал пак да се шири со поголема брзина. Јас апелирам уште повеќе да бидеме сериозни, одговорни и да дадеме придонес за што побрзо да излеземе од оваа состојба – рече Шаќири.
Тој потенцираше дека во сите џамии се почитуваат мерките за заштита од ковид-19.