ЈУЖНА КОРЕЈА Е ДЛАБОКО ЗАГРИЖЕНА, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НАЛОЖИ ИТНА РЕАКЦИЈА Уапсени над 300 Корејци во фабрика на „Хјундаи“ во САД

Министерот за надворешни работи Чо Хун соопшти дека е формиран кризен тим и најави дека, доколку е потребно, ќе отпатува во Вашингтон за разговори.

577

Јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг денеска наложи итна реакција по апсењето на стотици јужнокорејски граѓани во фабрика за батерии на „Хјундаи мотор“ во американската сојузна држава Џорџија.

Министерот за надворешни работи Чо Хун соопшти дека е формиран кризен тим и најави дека, доколку е потребно, ќе отпатува во Вашингтон за разговори.






– Длабоко сум загрижен и чувствувам голема одговорност за апсењата на нашите граѓани – изјави Чо Хун на вонредна владина седница.

Американската служба за имиграција и царина потврди дека биле приведени околу 475 работници, меѓу кои повеќе од 300 Корејци, при најголемата операција на Министерството за внатрешна безбедност на едно место. Во акцијата биле вклучени хеликоптери и оклопни возила.

Официјални лица во Џорџија изјавија дека компаниите мора да вработуваат странски работници само на законски начин.

– Оваа операција испраќа јасна порака дека оние што ја злоупотребуваат системот ќе сносат одговорност – изјави специјалниот агент Стивен Шранк.

„Хјундаи“ најави дека ќе ги провери своите подизведувачи, додека „LG Energy Solution“, која го гради објектот заедно со „Хјундаи“, потврди дека 47 нејзини вработени и околу 250 работници од подизведувачи се меѓу уапсените. Компанијата ги стопираше службените патувања во САД, освен за состаноци со клиенти.

Случајот може дополнително да ги влоши односите меѓу администрацијата на Доналд Трамп и Сеул, кои веќе се соочуваат со несогласувања околу трговскиот договор што вклучува 350 милијарди долари корејски инвестиции во САД.

 

Медиумите вчера соопштија дека во голема рација на имиграциската полиција во фабрика на „Хјундаи“ во американската држава Џорџија се приведени 475 имигранти, за кои Министерството за внатрешна безбедност се сомнева дека живеат и работат нелегално во САД.

Министерството за внатрешна безбедност во соопштението нагласи дека агентите го извршиле налогот за претрес „како дел од тековната кривична истрага за наводи за нелегални практики за вработување и други сериозни федерални прекршувања“.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече уапсените – „нелегални странци“.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја по ова изрази „загриженост и жалење“ поради притворањето стотици работници во фабриката.

 

– Економските активности на нашите компании што инвестираат во САД и правата и интересите на нашите граѓани не треба да бидат неправедно прекршени. Преку Амбасадата на САД во Сеул ја изразивме нашата загриженост и жалење – изјави портпаролот на министерството.

Цел на рацијата беше еден од најголемите и најзначајните производствени погони во Џорџија, кој гувернерот и други функционери го нарекоа најголемиот проект за економски развој во историјата на државата.
Hyndai Motor Group, јужнокорејска компанија, почна со производство на електрични возила пред една година во фабрика вредна 7,6 милијарди долари, која вработува околу 1.200 луѓе. Привремено е запрена изградбата на фабриката за производство на батерии за електрични возила.

Поврзани содржини