УЖАС ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА Кој им ја пресекол цевката за кислород на пациентите?
Да беше оштетен главниот довод тоа ќе беше вистинска катастрофа, ќе требаше да се направи транспорт на најмалку 70 пациенти во други болници и одделенија, изјави д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Тетово.
Непознати сторители пресекле цевка за довод на кислород во тетовската болница и ги довеле во опасност животите на 120 хоспитализирани пациенти со ковид-19.
За среќа, главната доводна цевка за кислород, која била веднаш до оштетените цевки не била оштетена.
– Во раните утрински часови имавме инцидент каде е оштетен споредниот цевковод за кислород. По сè изгледа сме имале среќа, бидејќи да била оштетена и главната цевка, животот на сите 120 пациенти ќе бил загрозен. Да беше оштетен главниот довод тоа ќе беше вистинска катастрофа, ќе требаше да се направи транспорт на најмалку 70 пациенти во други болници и одделенија. Освен ова, имаме и нетранспортабилни пациенти. За наша среќа тоа не се случи – изјави д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Тетово за порталот СДК.
Инцидентот го потврдија и од СВР Тетово.
– Изутринава во 7 часот и 20 минути, во СВР Тетово пријавено е дека ноќеска во кругот на тетовската Клиничка болница со употреба на физичка сила биле оштетени две бакарни цевки со различна големина, односно капацитет. Едната цевка за компримиран воздух била скината, а втората за азотен оксидол била свиткана. Двете цевки ги снабдувале операционите сали во новиот објект, кои сè уште не биле во функција. Набрзо по пријавата, екипа на Секторот за внатрешни работи Тетово, во координација со Јавен обвинител, извршила комплетен увид. Оштетувања се фотодокументирани и крим-технички обработени. Се расчистува и документира случајот – соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Цевките за довод на кислород се поставени на висина од околу три метри. Едната цевка била пресечена, а другата извиткана. Утрово, оштетените цевки се заменети со нови и системот за довод повторно е ставен во функција. Споредниот довод на кислород кој е оштетен бил наменет за пациентите од Ургентниот центар, каде се сместуваат лица со инфаркт и други потешкотии, но таму во тој момент немало ниту еден пациент на кислородна поддршка.
Од Клиничката болница во Тетово најавуваат дека ќе ги зголемат мерките за безбедност и ќе побараат поголемо присуство на полицијата и војската во обезбедувањето на објектите.