УЖАС НА УЛИЦИТЕ НА ВАНКУВЕР Возач усмрти неколку лица на фестивал, уапсен на лице место
Според изданието Глобал њуз, „осум лица загинале кога автомобил влетал во луѓе кои присуствувале на уличен фестивал во Ванкувер вчера вечерта, а најмалку шест се повредени“. Полицијата официјално не ја потврди оваа информација.
Неколку лица загинаа, а поголем број се повредени кога возило влета во публиката на уличен фестивал во Ванкувер, Канада, соопшти полицијата, без да го прецизира точниот број на жртви.
Во соопштението се наведува дека полицијата на местото на настанот уапсила 30-годишен жител на градот.
Инцидентот се случи синоќа во близина на улицата „Фрејзер“ и Источна 41-ва авенија, објави канадската мрежа Си-Би-Си.
Според изданието Глобал њуз, „осум лица загинале кога автомобил влетал во луѓе кои присуствувале на уличен фестивал во Ванкувер вчера вечерта, а најмалку шест се повредени“. Полицијата официјално не ја потврди оваа информација.
Вршителот на должноста шеф на полицијата во Ванкувер, Стив Раи, изјави дека 30-годишниот осомничен е уапсен на местото на настанот и дека во инцидентот учествувале „еден осомничен и едно возило“.
Раи на прес-конференција изјави дека би било неправедно кон семејствата да се шпекулира за точниот број на жртви, бидејќи луѓето биле однесени во повеќе болници во регионот.
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека е „длабоко потресен“ откако слушнал за „страшниот настан“ на фестивалот во Ванкувер.
Градоначалникот на Ванкувер, Кен Сим, изјави дека е „шокиран и длабоко тажен“ од „страшниот инцидент“ на фестивалот, објави Си-Би-Си.
Премиерот на канадската провинција Британска Колумбија, Дејвид Иби, во објава на платформата Икс напиша дека е „шокиран и со скршено срце“ откако слушнал за смртните случаи и повредените на фестивалот во Ванкувер.
Полицијата најави дека со повеќе информации за инцидентот и текот на истрагаата ќе излезе подоцна денеска.