Ужас без крај

1,635

Ужасен крај или ужас без крај и не е некој избор. Ако човек веќе мора да избира. Не знам што би избрал македонскиот граѓанин денес, но очигледно е одамна дека стреми кон втората „опција“, онаа за ужас без крај. А за тоа речито говори (не само) гласниот молк на граѓаните за сѐ што (им) се случува во државава, онаа необјаснива индиферентност – дури спокој? – за маката и неправдите на другиот, за општествениот неспокој, за криминалното милје…, дури и за убиство на дете!

Оправдувањата со општата животна тегобност во целата земја се (веќе) само изговор за контроверзниот и крајно вчудовидувачки, дури погубен, начин на прифаќање на нештата.






Зашто, не морате да сте којзнае колку информирани за тековните ужасни „политики“ на власта, за оној јавно коруптивен буџет, за циркусијадата подготвена во анкетната комисија за случувањата на Онкологија, за некултурниот „гламур“ на фамозниот министерски состанок на ОБСЕ или изборот на „фраер“ на годината… за да видите што сѐ се случува околу вас.

Но тешко е и да го избегнете она бесрамно продавање раскантана крнтија што со наши пари нѐ вози до Вашингтон, кола без тркала којашто (ќе) нѐ вози и до Брисел виа Софија, ќе ги провози и пензионерите за 5,7% но функционерите за цели 75%, па дури и ќе „пичи“ по оној фамозен Коридор 8 од 1,5 милијарди евра со 30 километри на час! Таква „модерна“ крнтија наместо безбедност и живот ни нуди денес власта како „кола која што вреди да се има“ и очекува да се редиме во редици за едно кругче. Оној претходниот ни продаваше чушки и френки по балканските пазари, овој ни продава расходувана шасија без мотор како да е „алфа ромео“!

Нешта што, сепак, се само перифериите на македонскиот ужас без крај, но доволно страотни да исплашат нормален човек. Односно – беа перифирии, денес се веќе „окото на ураганот“ после најновиот шок: грозоморното убиство на недолжно 14-годишно девојче, кое до вчера, во виорот на ОБСЕ-овската шарада сите го беа заборавиле. Што, исчезнато? Ма ќе се врати. Ама – не се врати, нели.

Како што, очигледно е, нема веќе да се врати ни нормалниот живот во Македонија, оној без криминал, убиства, дрога, вооружени пресметки на политички заштитени банди… И сето тоа и понатаму не му пречи на македонскиот граѓанин? Да, и сето тоа некои – политиканти и нивните „интелектуални“ гласноговорници – ќе го вбројат во „инцидент“, во „границите на нормалата“ на функционирањето на една современа држава, на животот на еден велеград… итн.

Ама проблемот е што инцидентите станаа правило, а ние не сме ни нормална современа држава ниту пак Скопје е нормален европски велеград! Па и ние престанавме да бидеме тоа, престанавме да бидеме нормални граѓани со лични и колективни права, меѓу коишто, помеѓу останатото, се вбројува и безбедноста, правото на мислење, на јавен глас и протест, на демократски институции… Како тоа нашиве локални политиканти се позагрижени за Украина од мирот, безбедноста и благосостојбата на своите граѓани? Добиваат од „меѓународната заедница“ некаков таен бонус ако пет пати дневно ја спомнат Русија, Лавров, Путин во негативен контекст, не гледајќи притоа што им се случува во земјава?

Како да сите добри нешта во оваа Недојдија треба друг да ни ги обезбеди – нашиот „стратешки“ партнер, ЕУ или којзнае кој друг, а овие локалниве Обломови кои дебело ги плаќаме ќе лежат по цел ден и ќе се мислат дали кога ќе станат ќе успеат веднаш да ги облечат двете влечки. Или опинци, како сакате. И ќе продолжат да ни раскажуваат приказни за мали деца. Но, повторно, ние, со нашата малодушност, комформизам, страв, хипокризија… дозволивме да нѐ третираат како мали деца. Затоа и го добиваме овој ужас без крај.

Ние упорно одбиваме да ја видиме самата срцевина на македонскиот современ проблем – тоталниот распад на општеството односно државата, урнисувањето на сите морални вредности, на културата и доброто воспитување… Сурогатот што ни се (по)нуди, а огромен дел го прифатија, беше/е партократија од најлош вид, со висока корупција и уште повисок криминал во највисоките редови на власта! Кога криминални партии се на власт, логично е ситните криминалци, па и убијци, да шетаат по улиците, нели?

И сето тоа се потврдува од ден во ден, од час во час, во различни варијанти. Сега, со оние грозоморни убиства, како да го достигна врвот. Или не? Може да биде и полошо, нели? Да почекаме до изборите? Ако втората жртва, оној кутар човек од Велес, бил навистина убиен за долг од 500 евра, за колку ќе се убиваат во времето на изборите?

Ама затоа „интелектуалната“ ни елита, онаа којашто е, нели, „неопределена“ и треба да го советува општеството, ќе го бара дрвото за да не ја види шумата: сега ќе открива колку пати главниот осомничен се сретнал со некој од опозицијата ама нема да укажат на „идеолошкото“ дувло на убиецот, ќе „заборави“ дека премиерот до вчера ниту еднаш не го спомна исчезнатото девојче ама затоа упорно ни ја продава онаа негова крнтија од партија, ќе го оправда дури и она бесрамно договарање за изборите во мигот кога требаше да биде прогласен ден на жалост итн.

Но затоа сите здружено и крајно лицемерно ќе се наредат пред училиштето да се запишат во книгата на жалоста!

Еднакво лицемерно како и она фалбаџиско саморекламерство на македонскиот министер за надворешни работи дека баш тој го „спасил“ ОБСЕ, како и онаа негова наредба дека „Секое потценување кон нашата дипломатија и потценувањето на нашата држава и нејзините капацитети, од денеска треба да престане“. Сега го нема никаде, дури ни да изрази сочувство.

И заборава дека граѓаните сепак не си ја потценуваат државата, напротив. Сиот наш потценувачки гнев е насочен кон оваа срамна криминално коруптивна власт, кон нејзината тотална неукост и неспособност на граѓаните да им обезбеди простоен и безбеден живот, а како замена нуди само – ужас без крај!

Извор: Теодосиевскиуметност

Поврзани содржини