„УВИДОТ Е ОТЕЖНАТ, НО ИСТРАГАТА МОРА ДА ПРОДОЛЖИ“ Обвинители фотографираа, снимаа со дрон, се бара вистината за пожарот во Трубарево

Обвинителството потврди дека локацијата во Трубарево ќе остане обезбедена, а на терен ќе работат вештаци и инспектори, бидејќи и понатаму постои опасност од ново разгорување на пожарот.

727

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по големиот пожар што го зафати Трубарево.

Според обвинителството, проверките се однесуваат како на причините за настанувањето на пожарот, така и на складирањето на отпадот на самата локација.






– Извршено е фотографирање и дронско снимање на местото, со цел да се обезбедат сите потребни докази. Со оглед на тоа што локацијата е затрупана и небезбедна, увидните дејствија се одвиваат со отежнат интензитет – велат од Основното јавно обвинителство.

По нивна наредба, местото на настанот ќе остане обезбедено и во наредниот период, за да се продолжи со истрагата.

– Дополнителни мерења на загадувањето ќе спроведе Министерството за животна средина, а ќе биде ангажирано и вешто лице од областа на екологијата – информираат од ОЈО.

И покрај гаснењето, на терен и понатаму е стационирана противпожарна екипа.

– На делови од локацијата се јавуваат повремени чадења и постои опасност од повторно разгорување на огнот, поради што присуството на пожарникарите е неопходно – рекоа од надлежните служби.

Обвинителството нагласува дека истрагата продолжува и дека ќе бидат преземени и други дејствија со цел целосно расветлување на случајот.

Поврзани содржини