УТРОВО СКОПЈАНИ ДОБИЈА ОСВЕЖЕН БУЛЕВАР Крсте Мисирков обновен за 16 дена
За реконструкцијата на оваа сообраќајница од Буџетот на Град Скопје се одвоени околу 32 милиони денари.
Со вчерашното ноќно бележење на реконструираниот коловоз на булеварот Крсте Мисирков кај МАНУ, овој булевар беше завршен за рекордно време од 16 дена и од денеска е отворен за сообраќај. Овој многу фреквентен дел од булеварот Крсте Мисирков изминативе денови се реконструираше на потегот од зградата на МАНУ до крстосницата кај „Мавровка“, во должина од 550 метри, соопштија од Град Скопје
Оттаму додаваат дека за реконструкцијата на оваа сообраќајница од Буџетот на Град Скопје се одвоени околу 32 милиони денари.
– Градот Скопје пред две години го обнови делот од овој булевар на потегот од „Мавровка“ до Бит-пазар, а го реконструира и булеварот Кочо Рацин, на потегот од булеварот Кузман Јосифовски Питу до булеварот Свети Кирил и Методиј – информираат од Градот.
Реконструкциите на сите улици и од годинешнава градежна офанзива Град Скопје ги завршува во рекордно кратки рокови за да се обезбедат услови за безбедно одвивање на сообраќајот без да се создава сообраќаен метеж.