УТРОВО ГОРИ САМО НА ЕДНО МЕСТО Пожарникарите изгаснаа дури 21 пожар

Во изминатото деноноќие регистрирани се 22 пожари на отворен простор низ државата, од кои само еден, во Националниот парк „Јасен“ е сè уште активен, додека останатите се локализирани и изгаснати.

131

Центарот за управување со кризи информира дека до 9 часот наутро, регистрирани се вкупно 22 пожари на отворен простор. Од нив, само еден е сè уште активен, а 21 се изгаснати.

Единствениот активен пожар е во срцето на Националниот парк „Јасен“ во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Таму е мобилизирана значителна противпожарна сила, бидејќи станува збор за заштитено подрачје со исклучителна природна вредност и разновиден животински свет.






Останатите пожари, иако сега изгаснати, вчера предизвикаа сериозни интервенции низ целата држава. Во Тетовскиот регион, пламенот зафати ниска вегетација кај селата Озормиште и Тежето, како и во Слатино и Џепчиште, а во близина на железничката станица во градот и во Шемшово гореше запалено ѓубре. И Гостивар не остана поштеден – во близина на фирма во Мизраше гореше ниска вегетација, а во селото Симница повторно беше запалено ѓубре.

На југот од државата, во Струмичкото село Смолари, како и во Валандово, пламенот уништуваше ниска вегетација и плантажи. Во битолскиот регион, во близина на РЕК Битола, пожарот зафати тревни површини, а во селото Братиндол изгореа ниски растенија. Исто така, во прилепската касарна и во селата Дебреште и Лопатица гореше ниска вегетација, која поради сувото време брзо се ширеше.

Во централниот дел на земјата, Велес се бореше со пожар кај селото Отовица, а Куманово со пламен до патарината на автопатот Куманово – Скопје. Во источниот дел, селото Крупиште во Карбинци беше зафатено од пожар, како и селото Црвивци во Кичево. Сарај гореше кај селото Радуша, додека во Ранковце беше зафатена тревната површина покрај патот.

Иако сите овие пожари сега се изгаснати, надлежните предупредуваат дека високите температури и сувото време создаваат идеални услови за нивно повторно појавување. Апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни и да пријават секое забележано палење трева или отпад, со цел да се спречат нови големи катастрофи.

Поврзани содржини