УТРЕ СЕ ВКЛУЧУВА ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ Ниските температури ја поместија грејната сезона

ЕСМ информира дека до 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.

145

ЕСМ соопшти дека од 2 октомври 2025 година започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ.

Причина за предвременото вклучување на парното, според ЕСМ, се ниските температури кои се најавени за утре.






– Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но согласно регулативата може да почне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С. Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, за 2 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 10˚С со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ- велат од ЕСМ

Оттаму додаваат дека сè до 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.

Од компанијата апелираат корисници на централното греење да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации бидејќи редовното одржување е нивна обврска и заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација.

Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.

Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“.

Поврзани содржини