Утре почнува масовната имунизација во Штип и во Охрид

278

Првите пратки вакцини на Синофарм стигнаа во Штип и во Охрид. Во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип од утре ќе се вакцинираат жителите од источниот и струмичкиот регион.

Салата ќе биде отворена во осум часот наутро. За матичните лекари термините за закажување се достапни од денес. Поставени се 22 пунктови за истовремена вакцинација,. Над 80 отсто од персоналот е обезбеден од штипската болница и здравствениот дом, останатиот ќе ротира од други градови. Во првите денови на помош ќе доаѓа медицински кадар од Радовиш, Виница и Кочани. Ќе помагаат и волнтери од Црвениот крст и студенти по медицина од завршните години.






Поставени се патокази кои ќе им олеснат на граѓаните од другите општини. Вработени од општина Штип ќе помагаат во паркирањето и заедно со полицијата ќе го координираат сообраќајот.

Вакцините на „Синофарм“ стасаа и во Охрид.  Според планот, од утре во 8 часот стартува масовната имунизација на населението од шест општини од југозападниот дел на земјата во Регионалниот центар за имунизација во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид.

За процесот на имунизација се монтирани 14 кабини со 28 пунктови за вакцинација, додека за чување на вакцините обезбедена е посебна ладилна комора со дополнителен електрогенератор.

Имунизацијата ќе ја спроведува медицински персонал од сите здравствени установи во градот, а 50 медицински сестри, десет лекари и 24 лица како помошен персонал ќе работат во две смени. Предвидено е во Регионалниот центар за вакцинација во Охрид да се врши имунизација на околу 1500 лица дневно.

Поврзани содржини