Комисијата за заразни болести утре ќе одлучува за воведување тестови за патниците кои транзитираат низ земјава откак денеска беше објавено дека во саботата со лет на „Визер“ од Скопје во Турку, Финска, пристигнале уште 12 позитивни патници. Ставот на министерот за здравство Венко Филипче е дека треба да се воведат тестови за овие патници.
– По првичниот случај, пративме писмо преку Министерството за надворешни работи до Амбасадата во Стокхолм, која ја покрива и Финска, но не сме го добиле списокот со 24 лица детектирани како позитивни. Наша цел беше да видиме дали се наши или државјани на Косово, кои беа во тој авион, но по вториот случај, утре на Комисија за заразни болести ќе дискутираме за воведување ПЦР-тестови и за транзит-патниците. Во целиот регион имаме најстабилна ситуација, кај нас има подобрување, нема потреба нашата земја, нашиот аеродром, да стои како место од кое излегуваат позитивни патници. Утре ќе донесеме соодветна одлука – изјави Филипче.