ЉУТКОВ НАЈАВИ ПРОЕКТ ЗА РЕСТАВРАЦИЈА НА СПОМЕН-КУЌАТА НА ВЛАДО МАЛЕСКИ Одобрението за градба на соседниот објект било издадено незаконски

Во текот на посетата на заштитениот објект, друштво на Љутков му правеше заменик-министерот за правда Ален Деребан, кој рече дека одобрението за градба на соседниот објект било издадено незаконски, а дека градоначалникот го поништил решението вчера, односно по рушењето на спомен-куќата.

107

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека по оштетувањето на спомен-куќата на авторот на македонската химна Владо Малески во Струга веднаш ќе се започне со изработка на проект за обнова и реставрација на заштитениот објект. Љутков денеска беше во Струга и лично ја посети спомен-куќата на Малески која беше оштетена пред два дена при изведба на градежни работи на соседен објект.

– Најостро ги осудувам сите дејствија и неодговорни постапувања што доведуваат до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, од несовесност или од краткорочни интереси – изјави Љутков од Струга и додаде дека инспекциската служба на Управата за заштита на културно наследство констатирала сериозни оштетувања.






Во однос на обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека власта е одговорна за актуелната состојба на спомен-куќата, Љутков вели дека сите решенија за рушење и дозволи за градба на соседниот објект биле издадени во последните седум години, кога, како што рече, власт во Струга се СДСМ и ДУИ.

Во текот на посетата на заштитениот објект, друштво на Љутков му правеше заменик-министерот за правда Ален Деребан, кој рече дека одобрението за градба на соседниот објект било издадено незаконски, а дека градоначалникот го поништил решението вчера, односно по рушењето на спомен-куќата.

– Веднаш после рушењето на заштитениот културен објект, градоначалникот го поништил решението и во образложението за поништување на одобрението за градење има констатирано дека решението што го издал во ноември 2024 година е издадено спротивно на закон и спротивно на проектите коишто се доставени до органите за култура врз основа на кои требало да се издаде тоа одобрение. Како резултат на таквото незаконско одобрение за градење на соседниот објект дошло до рушење на објектот прогласен за заштитено културно наследство – појасни Деребан.

Заменик-министерот за правда ги повика МВР и Јавното обвинителство да ги обезбедат сите материјални докази поврзани со спорниот објект поради, како што рече, сомнение за сторени повеќе кривични дела.

Поврзани содржини