Утешение грешним: За политичкото судење на историјата на народот и нацијата!
Софија не го зема предвид фактот дека не сите европски лидери се подготвени да толерираат грубо политичко мешање во корегирањето на историјата, ниту, пак, ќе дозволат ЕУ во 21 век да биде ставена во улога да пресудува која нација има „погрешна“ историја.
Политичкиот и научен естаблишмент во Бугарија во целиот свој порив за промовирање на новиот историски ексклузивитет на бугарската нација за описменувањето на половина Европа и Русија, очигледно не пресмета дека нејзиниот политички третман на историјата ќе се сврти како политички бумеранг и тоа на ниво на ЕУ.
Софија не го зема предвид фактот дека не сите европски лидери се подготвени да толерираат грубо политичко мешање во корегирањето на историјата, ниту, пак, ќе дозволат ЕУ во 21 век да биде ставена во улога да пресудува која нација има „погрешна“ историја.
Да бидеме на јасно, со блокадата на заклучоците Словачка и Чешка не истапија во заштита на Република Македонија per se, што може да се види од реакциите на македонската дипломатија, која беше исто толку изненадена и затечена, колку и бугарската.
Словачка и Чешка всушност се спротивставија на самоволието на Бугарија, која со политичкото ревидирање на историското дефинирање на сесловенскиот карактер на дејноста на светите Кирил и Методиј, ги загрози општоевропските цивилизациски вредности и придобивки.
Го спасија угледот на ЕУ, бидејќи со веќе усогласените заклучоци по терк на Бугарија, земјите-членки на ЕУ ќе се ставеа во улога на судии на нациите – „грешници“, наметнувајќи им ја веќе пресудената историска „вистина“, доколку сакаат да започнат преговори со привилегираниот клуб на европските нации.
Независно што прифаќањето на присилната пресуда со јавното покајување на понижената нација поради „погрешното“ интерпретирање на сопствената историја, ќе подразира нејзино себе-бришење како нација, со обезличен народ, безимен јазик и новоконструиран идентитет произлезен од деноминираната држава.
По блокирањето на заклучоците, Бугарија е таа која сега е јавно посочена за погрешното политичкото интерпетирање на делото на светите Кирил и Методиј. Бугарското политичко раководство ќе треба да си признае дека пред да се става во улога на обвинител на македонската нација за „грешник“, треба да ја согледа неодржливоста на политички наметнатото интерпретирање и коригирање на историјата.
Софија треба да увиди дека нема ништо научно во политичките одлуки за редефинирање на историскиот контекст на сесловенското дело на светите Кирил и Методиј, а кои како единствена цел го имаа нивното присвојување (Митко Б. Панов, Апсурдите на политичкото читање на историјата: Дали Бугарија идната година на 24 мај ќе ги прославува св. Кирил и Методиј, Еxpres, 4.10.2020?
Да разбере дека нејзиниот политички конструиран обид за историско редефинирање во функција на себе-портретирање како единствена нација која дала цивилизациски придонес за словенска Европа и тоа преку присвојувањето на сесловенската димензија на традициите на Кирил и Методиј и „бугаризирањето“ на словенската азбука и писменост, е однапред осуден на неуспех.
Словачка и Чешка демонстрираа дака постојат суверени нации во Европа, кои нема да дозволат државните празници во чест на св. Кирил и Методиј да ги прославуваат во согласност со новата политички конструирана интерпретација на Бугарија, позната единствено на Софија.
Притоа, демонстрираа дека политичките наметнувања и условувања за корегирање на некаква „погрешна“ историја на било која нација, се во целосна спротивност со демократските принципи на кои почива Европа и се рефлексија на некои дамнешни времиња на безвредност на човековите права и слободи.
Ветото на Чешка и Словачка на блокадата на Бугарија, поддржано и од Австрија, треба да влијае отрезнувачки, и тоа не само за Софија и за земјите членки на ЕУ кои се солидаризираа со политичко-судскиот третман на историјата на недолжно обвинетата македонска нација.
Мора да влијае отрезнувачки за македонскиот народ и за сите граѓани на Р. Македонија, кои треба да разберат дека гордоста и лојалноста кон нацијата нема цена. Дека влезот во ЕУ не подразбира откажување од историјата и националното достоинство. Тоа мошне јасно и силно го порачаа Прага и Братислава, заштитувајќи ја не само сопствената национална историја, култура и традиции, туку и на сите словенски народи кои ги негуваат и почитуваат светите Кирил и Методиј.
Друго е прашањето што светите Кирил и Методиј немале никаква врска со средновековна Бугарија. Во време кога во нивниот роден град Солун, на Брегалница, на иницијатива на Византија се реализирале христијанските мисии и се создавала азбуката врз основа на говорот на словените во Македонија, бугарските владетели се уште биле пагани.
Биле пагани и кога Кирил и Методиј ја отпочнале мисијата во Моравија во 863 г., преку која словенската азбука се проширила во Европа. Но за тоа во друга прилика!
Чекорот на Прага и Братислава мора да влијае отрезнувачки и за македонската интелегенција. Особено што ваквиот политички развој, целосно ги дискредитираше оние македонски интелектуалци, кои постојано му порачува на македонскиот народ дека треба да ја следи левичарската идеологија на еманципираната нација, да се покае и самоуверено се соочи со своето „погрешно“ историско минато доколку сака да се справи со вистинските предизвици на неолибералното милје на ЕУ.
Интелектуалците кои ги уверува граѓаните дека во нивни интерес е да се стави образот под чевлите на светските моќници, дека не треба да се противи и кога се објект на плукање, залажувајќи се притоа дека паѓа дожд. Истите оние, кои без да ја сочекаат блокадата на Прага и Братислава на усогласените заклучоци, побрзаа да ги осудат македонските историчари за „грешници“ и да ги повикаат да се покајат поради „погрешната“ македонската национална историја и да ја прифатат пресудата на Бугарија и нивната „правилна“ историска вистина.
Со единствено образложение дека така тврдела Бугарија, а во тоа била поддржана од ЕУ. Не сочекаа, да видат дека така не мислат сите во ЕУ. Помалите, но горди нации ги заштитија вредностите на ЕУ, а со тоа демонстрираа пример како македонските интелектуалци треба да се однесуваат кон сопствената држава и историјата на народот и нацијата, која отсекогаш го дефинирала идентитетот!
Чекорот на Прага и Братислава треба сериозно да ги замисли и членовите на македонскиот дел од мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, посебно за последиците од нивното лесно откажување од националниот наратив во однос на средновековието.
Да согледаат дека нивниот приод за „денационализација“ на македонската национална историја, всушност значи нејзина бугаризација. Особено што самите јавно признаа дека комисијата е политички инструмент, што се рефлектира и во оспорувањето на придавката македонски од бугарските колеги, како и самото историско дефинирање на Македонија – „која е Македонија, каква Македонија, постојат различни претстави за тоа која е Македонија и што е Македонија во историјата и во историските традиции“ (ТВ 21, 8.12.2020). Истото се однесува и на македонскиот дел од комисијата со Грција, кои де-факто го легитимираат тврдењето на Грција дека поседуваат историски монопол на имињата Македонија/Македонци, ставајќи се во улога на егзекутори на политички договор, кој (како и бугарскиот) во крајна линија има за цел историски да ја делегитимира македонската нација и да ја сведе на вештачки конструкт на Тито со обезличен идентитет.
Сега кога Бугарија е јавно обвинета од две земји членки на ЕУ (поддржани од уште најмалку една земја) за погрешното толкување на историјата, а што досега од дел од нашите интелектуалци беше сервирано како догматска историска вистина, се поставува прашањето кој е сега грешникот?!
Дали ќе има јавно покајание од страна на интелектуалците кои однапред го осудија сопствениот народ и нација и тоа само затоа што има неотуѓиво право на сопствен национален наратив, на културните и историски традиции негувани на македонските простори, а кои неспорно ги вклучуваат и светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум Охридски, цар Самуил?!
Дали после овие случувања во ЕУ, македонската политичка елита ќе се соземе и ќе признае дека погрешила, бидејќи во сета своја инфериорност, скриено и набрзина го подготвувала концептот за реформи во основното образование, без консултации со професорската фела историчари?!
Не мора да признае, може само како гест на покајание да го повлече контроверзниот концепт со кој де-факто се укинува историјата како предмет и со кој од идната учебна 2021 се ставаат ад-акта учебниците по историја, кои ќе станат историја сами по себе и веројатно ќе служат само како артефакт за посочување како лош пример за една „погрешна“ историја на нацијата. Со гестот на повлекување на избрзаниот концепт, ќе ги отстранат и сомневањата на историчарите ширум земјата, дека под превезот на „интегративната интердисциплинарност“ всушност се укинуваат учебниците по историја и се редефинира историјата на нацијата, по желба и диктат на Бугарија и Грција.
Со повлекувањето на концептот, ќе демонстрираат дека крајната намера не е да се креира нов идентитет на идните „освестени“ генерации „северномакедонци“, како што тврдат бугарските политичари и членови на комисијата за историски прашања, јавно инсистирајќи на промената на учебниците по историја заради промена на идентитетската свест на учениците во „Република Северна Македонија“! Треба да признаат дека укинувањето на историјата како предмет е апсолутно непозната практика во европските земји, вклучително и во Финска, која наводно се зема како модел за концептот за реформи во образовниот систем.
Финска, Британија, Словенија, како и сите останати европски земји го акцентираат значењето на изучувањето на предметот историја како основа за градењето на идентитетот на учениците и на посебноста на нацијата. Не случајно по влезот во ЕУ, Хрватска со законска одлука дополнително го истакна значењето на изучувањето на предметот историја во основно образование и тоа во контекст на зачувувањето на идентитетот и посебноста на хрватската нација во услови на евроинтеграција и глобализација.
Дали државниот врв сега ќе се соземе и ќе го разбере политичкиот гест на Чешка и Словачка? Дали ќе сфати дека по последните политички интервенции во редефинирањето на историскиот контекст на празнувањето на 24 мај во функција на „бугаризирањето“ на словенската азбука и писменост, Бугарија всушност се дистанцираше од св. Кирил и Методиј. Со политичката реинетрпретација, Софија не остави никаков простор за заедничко чествување, ниту со Република Македонија, ниту со другите словенски земји кои го празнуваат сесловенското дело на Кирил и Методиј и нивните ученици. Мудрите и достоинствени македонски политичари би истапиле со иницијатива за заедничка прослава на светите Кирил и Методиј со Чешка и Словачка, како и со другите земји кои го споделуваат празнувањето на сесловенските просветители.
На тој начин, Република Македонија ќе покаже дипломатска мудрост и искрен гест кон пријателските Прага и Братислава, со што ќе ја преземе улогата на поврзување на традициите на светите Кирил и Методиј, следејќи ги стапките и делото на свети Климент Охридски!
Со тоа достојно ќе ги следи и зборовите на свети Кирил, пренесени од неговите ученици, кои сигурно силно одекнуваат во тишината која завладеа по блокадата на Словачка и Чешка:
”Дали паѓа дождот од Бога еднакво врз сите, а не сјае ли сонцето за сите, не дишиме ли сите ист воздух?
Како не се срамите да признавате само три јазици, и на сите други народи и племиња да им велите да бидат слепи и глуви? Кажете ми, зошто го правите Бога немоќен, како да не можел да даде , или завидлив, како да не бил подготвен да даде? Ние знаеме многу народи кои владеат со уметноста на пишувањето и го слават Бога секој на својот јазик“ (Житие на Константин-Кирил).
Бугарија како грешник ќе остане сама да ги празнува политички измислените и непостоечки „бугарски“ светители! Како утешение грешним!