УСВОЕН Е ГОДИШЕН ПЛАН ЗА ПРАВЕДНА ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА Во фокусот се работниците кои ќе станат вишок по реформата на РЕК Битола
Годишниот план претставува значаен чекор во насока на поефикасно и координирано спроведување на планираните реформи, зајакнување на институционалната рамка и унапредување на соработката со меѓународните партнери и финансиските институции.
Владата го усвои Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2026 година, со што се продолжува со системско спроведување на процесот на праведна енергетска и економска трансформација во земјата.
Како што информираа од Министерството за енергетика, со усвојувањето на овој План, Владата и Министерството ја потврдуваат својата посветеност кон обезбедување праведна транзиција која ќе ги земе предвид социо-економските последици врз заедниците и работниците во регионите засегнати од транзицијата, со посебен фокус на отворање нови можности за вработување, преквалификација на работната сила и поттикнување одржлив локален економски развој.
Со предвидените механизми се обезбедува координиран пристап помеѓу надлежните институции и јавните претпријатија.
Годишниот план за 2026 година е изработен во согласност со националните стратешки документи и Реформската агенда, како и со обврските преземени во рамки на процесот на забрзана транзиција од јаглен кон одржливи и нискојаглеродни извори на енергија. Планот претставува оперативен документ кој ги дефинира конкретните активности, временската рамка, надлежните институции и потребните ресурси за негова реализација.
Ова, велат од Министерството за енергетика претставува значаен чекор во насока на поефикасно и координирано спроведување на планираните реформи, зајакнување на институционалната рамка и унапредување на соработката со меѓународните партнери и финансиските институции.
Министерството за енергетика треба да го објави Годишниот план на својата веб-страница и да ја координира неговата имплементација, додека ресорните министерства и релевантните институции ќе направат приоритет на активностите во рамки на своите годишни програми.