Уставот мора да се смени
Додека Бугарија и некои европски бирократи кои наводно бранат „договор со нашата мината влада“ бараат уставни измени за свои интереси, Бугарија за државни, а бирократите глумејќи единство на раскалашената ЕУ, ние треба да го промениме Уставот за наше добро.
Во текот на моето тримесечно мудрување преку колумни, претпоставувам дека определен број луѓе веќе забележаа кои се моите општи ставови, а особено забележливи се ставовите во врска со спорот со Бугарија, за кој јасно кажувам во својата колумна „Добри соседи, намќор комшии“, дека единствен начин за решение е добра волја од страна на Бугарија. Нема друг начин, и особено силно сум против наметната промена на устав. Сепак, овој наслов, колаче за оние што читаат само наслови, вели нешто спротивно на општиот став. А што е со содржината? Содржината ќе каже друго – за оние кои ќе стигнат до неа. Па, да го разјасниме, барем за луѓето кои освен наслови читаат и целосни колумни.
Како секогаш, ќе бидам директен: сметам дека е ирелевантно тоа што соседите или некои европски бирократи ни кажуваат што да правиме со нашиот Устав. Но, воедно ќе посочам, ние треба да ги менуваме законите, а понекогаш и уставот, заради нас – за посилна демократија, за вистинска одговорност, за Македонија што го слуша гласот на својот народ. Наместо да се потклекнува на надворешни притисоци, пожелни се промени во насока на осовременување или исправање на објективно постоечките проблеми. Ќе споменам четири промени што ќе го направат нашиот Устав алатка за граѓаните, а не за политичарите или странските агенди.
Референдум – одличен за бојкот
Референдумот, најмоќната алатка на директната демократија, е осуден на неуспех во сегашниот Устав. Член 73 бара излезност од над 50% од вкупните избирачи – околу 1,8 милиони запишани, иако во Македонија живеат само 1,8 милиони луѓе. Не може да имаме ист број гласачи и резиденти, бидејќи и за нас важи, а вообичаено и за сите општества, дека околу една четвртина се деца, значи објективниот број гласачи во Македонија е околу 1,4 милиони, или помалку. Ова го прави секој референдум лесна мета за бојкот. Во 2005 година, власта повика на бојкот на референдумот на законот за локалната самоуправа, а во 2018 народот им го врати нивниот камен по нивната глава со бојкот на референдумот за Преспанскиот договор. Додека сме на муабетот, мое мислење, за што немам цврсти, судски издржани докази, е дека во 2018 се случи и нешто полошо: екстремно сомнителен број на гласови. Еве зошто го велам тоа.
Сите знаеме дека изборите во 2016 беа „високо наелектризирани“ и дека од реално присутното население излегоа барем 90 а некаде и 99% резиденти – гласачи. Но, види чудо, на избирачко место 1.914, излезноста сепак порасна од 317 гласа во 2016 на 734 во 2018 – зголемување од 231%. На избирачкото место 1.916/1, од 224 гласа во 2016, скокна на 502 – 224% повеќе. На избирачкото место 1.872, од 195, на неверојатни 400 гласачи или излезеност 205% од претходно највисоката. Една општа проверка со компарација на изборите од 2016 година, покажува дека на некаде над триста избирачки места се случила „чудна аномалија“ која додава меѓу „само“ десеттина и неколку стотини гласа по избирачко место, што може да резултира со фалсификат меѓу 50 и 120 илјади гласови – кој за жал нема да се утврди никогаш и фалсификаторите ќе поминат без последици. Велам „аномалија“, затоа што сепак, морам да оставам простор, дека ете, некако нашле начин да се вратат некои луѓе само за денот на гласање. За жал државата денес за овој груб фалсификат не е заинтересирана, токму поради фактот дека бојкотот го замагли овој чуден резултат, односно го доведе во состојба на неважност – референдумот пропадна, па стана неважно дали објективно гласале 20, 30 или 40 проценти од гласачите.
Затоа предлагам решение: измена на Член 73 од уставот. Кворумот за референдум да биде 50% од избирачите со постојано место на живеење во Македонија (резиденти), според последниот важечки попис на населението. Народот добива моќ да одлучи, што за некои партии е „ноќна мора“.
Собрание што ја одразува реалноста
Уставот (Член 62) предвидува 120 до 140 пратеници, иако во пракса секогаш се 120, со мали исклучоци. Постои непишана норма, доста често применувана од разни држави, дека максимален број пратеници во една демократска држава треба да биде „третиот корен од активните гласачи“. Македонија се движи околу милион активни гласачи, што го редуцира собранието на максимум 100 пратеници. Ако се сеќавам добро, актуелната власт имаше идеја дека бројот на пратеници треба да биде 90 – па ете и втора објективно реална потреба за промена на уставот.
Претседател со вистинска моќ
Претседателот, избран директно од граѓаните, е речиси церемонијална фигура. Формалните ингеренции велат дека според Член 75, претседателот може да стави вето на закон, но Собранието го потврдува со исто мнозинство. Ова е смешно. Истите луѓе го повторуваат истото гласање и сега претседателот може само да користи „џебно вето“ – обид за блокада која пак еднаш беше политички отфрлена од претходната власт со преседанот со законот за употреба на јазиците, и верификувано од за сите омилената судијка – политичарка од уставен суд, г-ѓа Кацарска. Претседателот треба да биде чувар на демократијата, а не да потпишува одлуки со кои не се согласува.
Затоа го предлагам следното уставно решение: Измени на Член 75. Закони со просто мнозинство вратени од претседателот да бараат 3/5 мнозинство (сега 72 пратеници, во иднина зависи од вкупниот број) за повторно усвојување. Закони со квалификувано мнозинство да бараат пет пратеници повеќе од првичниот резултат. И додавање на Член 75-а: Претседателот да може еднаш во текот на својот мандат да распише референдум за доверба на Владата. Ако народот изгласа недоверба, Владата паѓа. Ова го прави претседателот вистински баланс на власта, особено во кризи.
Силата кај народот
Денес, ако градоначалникот потфрли, граѓаните не можат да го сменат. Ниту Советот на градот, ниту Владата, ниту Собранието, ниту народот немаат моќ да го разрешат пред крајот на мандатот. Ова е недемократски. Луѓето можат да се незадоволни од својот градоначалник, а истиот останува комотен до крајот на мандатот, ако бил лош, да биде полош. Локалниот референдум постои во закон, но не и во Уставот, а за разрешување на градоначалник – воопшто не постои никаде.
Решение е повторно уставен член. Нов Член 115-а. Граѓаните да можат да покренат локален референдум за разрешување на градоначалник со 20% потписи од избирачите во општината. Референдумот успева ако мнозинството гласа „за“, со излезност над 50% од резидентите според последниот попис. Треба да има извесни ограничувања за да се спречи злоупотреба: прво, не може да се организира референдум во првите шест месеци од мандатот, и второ, не може да се повтори повеќе од еднаш по мандат. Истото важи и за владата. Референдумот, погоре споменат треба да му дозволи на народот со одреден број потписи, еднаш во мандат на една влада, да побара нејзина оставка. По разрешување, следат нови избори. Ова им дава моќ на граѓаните да бараат одговорност од избраната локална или републичка власт. Воедно го одзема комодитетот на владата дека ќе може „да снема еден пратеник на гласање недоверба“ како што го снема Кастриот Реџепи.
Устав за Македонија, а не за другите
Додека Бугарија и некои европски бирократи кои наводно бранат „договор со нашата мината влада“ бараат уставни измени за свои интереси, Бугарија за државни, а бирократите глумејќи единство на раскалашената ЕУ, ние треба да го промениме Уставот за наше добро. Референдум каде бојкотот нема да зазема страна, Собрание што ја одразува реалноста, претседател со вистинска моќ и локален референдум за одговорни градоначалници – ова е Устав за посилна демократија. Но, секогаш треба да се има предвид и едно непишано правило кое дословно се следи во сите уставни промени досега. Постојат партии кои го злоупотребуваат отворањето на уставот за други цели. Да бидеме реални, не постои барање за промена на уставот, барем досега кое тангира човекови права. Сè досега беше такво што има скриена агенда и нема врска со човекови права. Како такво го гледам и ова последно барање. Тука промена, како чин на добра волја може да има – откако ќе бидеме членка на ЕУ, ако дозволат.
Секако, и кај мене постои и нескриена желба за враќање на името на државата во она што го гласавме на референдумот, и за уставната преамбула во својата стара форма, во која македонскиот народ не е само еден од народите на територијата наречена „Македонија“, туку е основач на својата држава, кој живее во потполна еднаквост со сите национални малцинства во државата. Засега тоа е илузија. Среќа, ние сме народ кој преживува и без илузии. Барем засега, за мир во заедничкиот дом што јас сѐ уште го викам само Македонија, оваа промена нека биде само лична желба, не и отворено барање.