УСТАВНИТЕ СУДИИ ЌЕ БАРААТ МИСЛЕЊА ОД ЕКСПЕРТИ Одложена е одлуката за уставноста на Законот за употреба на јазиците

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изјави дека рокот за носење на конечната одлука е непредвидлив и може да потрае одреден период од неколку месеци.

818

Одлуката за уставноста на Законот за употреба на јазиците е одложена откако Уставниот суд реши да одржи подготвителна седница за консултации со странски експерти. Со пет гласа „за“ и еден „против“, судиите одлучија дека е неопходно да се добијат дополнителни мислења од странски стручњаци пред да се донесе конечната одлука.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изјави дека рокот за носење на конечната одлука е непредвидлив и може да потрае одреден период од неколку месеци.






– Во оној момент кога ќе го добијам пријателскиот совет од Венецијанската комисија веднаш ќе биде свикана подготвителната седница. Уште сега на крајот од оваа седница побарав од судијата известител најдоцна до 23 декември да ги подготви спорните правни прашања за подготвителната, да подготви предлог листа на учесници, бидејќи одлуката ја носи Судот на посебен работен состанок, и во оној момент кога ќе го добиеме амикусот моја проценка е дека ќе биде тоа почетокот на март, ќе биде одржана подготвителната седница – рече тој, дополнувајќи дека по завршувањето на подготвителната седница, не повеќе од месец дена, ќе им бидат потребни за разработка на рефератот врз основа на резултатите од подготвителната седница, што значи, како што рече, најдоцна во мај Судот ќе одлучува по предметот.

На седницата не беа присутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. Судијата Фатмир Скендер, непосредно пред гласањето на дневниот ред, побара да се повлече од дневен ред точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, бидејќи пожелно е да присуствуваат сите судии.

Овој негов предлог беше одбиен.

Потпретседателот на Демократската Унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи изрази несогласување со одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.

Во изјава за медиуми по денешната одлука на Уставниот суд, Османи истакна дека е недозволиво во мултиетничка држава највисокиот орган да одржува седници со моноетнички состав, особено на чувствителни теми.

Активисти на опозициската ДУИ од неделата, како што рекоа, стражарат пред Уставниот суд во одбрана на Законот. Денеска пред Уставниот суд беа лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

 

Поврзани содржини