Уставните експерти му скокнаа на Џафери: Природното право да зборуваш на албански јазик користи си го приватно, а не кога ја претставуваш Македонија

Претседателот на Собранието е државен функционер кој ја застапува и ја претставува Македонија како држава во меѓународните односи. Оправдувањето на Џафери не држи вода ако се земе предвид неговата официјална позиција и статус во државата и неговата обврска како функционер да ги почитува Уставот и законите во земјата, вели Тања Каракамишева, професорка по уставно право.

12,270

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, флагрантно го прекрши Уставот со обраќање на албански јазик во Европскиот парламент и проѕирно се вади повикувајќи се на природното право. Првиот парламентарец може да се повикува на природно право ако говори во приватно својство, но нè и кога ја претставува државата. Дополнително, во овој сензитивен момент за земјава кога други го оспоруваат македонскиот јазик, Џафери ѝ нанесе штета на Македонија.

Ова се ставовите на експерти по уставно право кои ги консултираше Плусинфо откако Џафери во интервју за ТВ24 изјави дека не го прекршил Уставот со обраќањето на албански јазик на Комитетот за надворешни работи во Брисел во рамки на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан“.






– Го користев моето природно право, вродено како и на секој човек во земјава. На кој било јазик да зборував, јас го претставував Собранието на Северна Македонија во најдобро можно светло – рече Џафери.

Но, со тоа не се согласуваат уставните експерти. Професорката по уставно право, Тања Каракамишева, е јасна дека Џафери со своето официјално обраќање пред Европскиот парламент на албански јазик флагрантно го прекршил член 7, став 1 од Уставот на Македонија, каде јасно се вели дека на целата територија на земјата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

– Објаснувањето на Џафери дека зборувањето на албански јазик е негово природно право е мошне проѕирно и без никаква правна заснованост ако се има предвид прецизната уставна одредба во која јасно и децидно е прецизирано кој јазик е службен јазик во меѓународните односи – вели Каракамишева.

Професорката посочува дека дополнително во член 7 од Уставот се вели дека друг јазик различен од македонскиот може да се користи во органите на државната власт во земјата само во согласност со закон. Таа објаснува дека никаде, во ниту еден закон не е наведено дека албанскиот јазик може да се користи во меѓународните односи, имајќи предвид дека Уставот тоа не го дозволува.

– Претседателот на Собранието е државен функционер кој ја застапува и ја претставува Македонија како држава во меѓународните односи, конкретно во случајов пред Европскиот парламент. Оттука, оправдувањето на Џафери не држи вода ако се земе предвид неговата официјална позиција и статус во државата и неговата обврска како функционер да ги почитува Уставот и законите во земјата. Не е точна констатацијата на Џафери дека уставната одредба за примена на јазиците е непрецизна, широко поставена и дека може да се толкува на различни начини – вели Каракамишева.

Таа додава дека во меѓународните односи службен јазик секогаш бил само еден јазик, согласно Уставот и законите на Македонија.

– Во правна држава и во држава каде што владее правото, природните права на граѓаните, на кои се повикува Џафери, мора да бидат во согласност со Уставот. Ако се дозволи своеволно и арбитрарно повикување на користење природни права на функционери спротивно на Уставот, тоа би било преседан и кршење на принципот на владеење на правото – јасна е Каракамишева.

За пластично да се разбере ситуацијата на првиот парламентарец, правните експерти велат замислете француски претседател на Националното собрание кој е од германско малцинство што живее во Франција да се обрати на германски јазик како негово природно право. Или претседател на Собрание на Бундестагот кој е од француска етничка група да се обрати официјално на француски јазик, а го претставува германскиот Парламент.

Џафери се вади дека во Европскиот парламент „имаат право да го користат тоа што го знаат најдобро“.

Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, вели дека претседателот на Собранието Џафери е навикнат да го крши Уставот.

– Бидејќи станува збор за употреба на јазикот на конференција во Европскиот парламент, Џафери треба да зборува на македонски јазик, затоа што ја претставува државата, а тоа е уредено во Уставот. Никој не го оспорува природното право, но ако тоа е во приватна примена. Претседателот на Собранието на својот мајчин јазик говори во Парламентот и тоа е според закон, но кога настапува на меѓународни конференции и во меѓународни институции тој на најдоследен начин треба да се придржува до Уставот. А дали му требаше ова, секако дека не – вели Ивановски.

Џафери во интервјуто вели дека останува на ставот дека не го прекршил Уставот.

– И останувам на ставот дека некому не му дозволив фешта на Комисијата за надворешна политика АФЕТ во Европскиот парламент. Апропо сите случувања не дозволив фешта и проценив дека е посоодветно да се обратам на јазикот кој најдобро го знам, а тоа е мојот мајчин јазик. Соодветно си го знам и службениот, односно книжевниот македонски јазик – рече претседателот на Собранието.

Ивановски не се согласува ни во овој дел со Џафери.

Според поранешниот претседател на Уставен суд, Џафери требало да зборува на македонски јазик, особено бидејќи земјава се наоѓа во исклучително чувствителен период кога други ги оспоруваат нашиот јазик, идентитет, култура и историја.

– Џафери со говорот на албански јазик во Европскиот парламент направи злоупотреба и ѝ нанесе штета на државата – вели Ивановски.

Експерти по уставно право се категорични дека Џафери го повредил Уставот.

– Во Уставот јасно пишува дека во државата и надвор од државата, единствен јазик е македонскиот јазик. Тој таму беше во својство на функционер – претседател на Собранието и ја претставува државата. Џафери таму не бил во својство на граѓанин за да се повикува на природното право. Уставот не е флексибилен – вели експерт по уставно право кој сакаше да остане анонимен.

Поврзани содржини