УСТАВНИОТ СУД ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ПЛАТИТЕ НА СУДИИТЕ Покачувањето на пензиите ќе се разгледува кога ќе се комплетира Судот

Во однос на блоковската поделба на тарифите за потрошувачка на електрична енергија, Судот одлучил да не поведе постапка, со што остануваат во сила постојните правила утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.

5

Уставниот суд денеска донесе одлука за поведување постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за платите на судиите, со цел заштита на судската независност од извршната и законодавната власт. Ова го соопшти денеска претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по одржувањето на седницата на која уставните судии расправаа по иницијативите за поведување постапка за уставноста на измените на Законот со кои беа намалени коефициентите за пресметка на судиските примања.

Платите на судиите се статусно прашање






Платите на судиите не се техничко, туку статусно прашање, посочи Костадиновски, кое, како што рече, според меѓународните стандарди не смее да се намалува дури ни во услови на економска криза.

Костадиновски нагласи дека мнозинството уставни судии биле согласни дека ваквите законски интервенции претставуваат директен упад во финансиската независност на судската власт и се спротивни на меѓународните стандарди. Во дискусијата со уставните судии, претходно, тој се повика на препораките на Советот на Европа и на Европската повелба за статусот на судиите, според кои, како што рече, судските плати мора да бидат заштитени од намалување за време на мандатот на судијата и секоја земја членка треба да воведе посебни правила за заштита на овие примања.

– Општоприфатените норми на меѓународното право се применуваат на различен начин. Дали се разработени во конвенции, дали во мислења и ставови на Советот на Европа или преку практиката на Европскиот суд за човекови права или преку мислењата на Венецијанската комисија, тие создаваат стандарди. Кога тие ќе создадат стандарди, ние како Суд сме должни да ги почитуваме. Во конкретниот случај, за намалување на платите на судиите, постојат меѓународно прифатени стандарди. Сумирано, овие стандарди аплицирани на конкретниот случај значат гаранција против намалувањето на платите на судиите, но ова е уште поважно: сите овие меѓународни стандарди упатуваат дека платата на судиите не е техничко прашање, туку е статусно прашање нераскинливо врзано со нивната независност и самостојност. Значи, ако се допре во платата, според меѓународните стандарди, тоа значи навлегување во независноста и самостојноста на судиите – нагласи Костадиновски.

Игнорирањето на овие меѓународни стандарди при носењето на законските измени, претседателот на Уставниот суд, го оцени како некоректно и неисправно, со оглед на тоа што тие се дел од домашниот правен поредок.

Костадиновски појасни дека одлуката за платите на судиите не значи нивно зголемување, туку спречување на понатамошно намалување.

– Оваа наша одлука не значи зголемување на платите на судиите, туку значи спречување на натамошно намалување на платите. Значи, не станува збор за зголемување, туку за заштита на уставно поставената власт и уставните прерогативи за независност и самостојност – појасни Костадиновски.

Не се наведени причини за намалување на коефициентите

На седницата претходно уставните судии посочија на повреда на функционалната независност на судската власт, истакнувајќи дека иако законодавниот дом со закон ги одредува платите и надоместоците, во овој случај не се наведени оправдани причини за намалување на коефициентите, ниту во мислењето на Владата, ниту, пак, во Предлог-законот. На седницата, тие нагласија дека секој закон мора да содржи образложение за фактите врз кои законодавецот се повикува при носење на одлуката.

На седницата, уставните судии одлучуваа и по други прашања од јавен интерес.

Во однос на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, Костадиновски информираше дека Судот одлучил да ја одложи расправата, со образложение дека во формалната постапка на донесување е задоволено претходното решение на Судот, а за материјалната страна ќе се произнесе кога измените ќе станат дел од позитивниот правен поредок.

Поведена е постапка и за одредби од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, кои се однесуваат на начелото на јавност, односно на можноста за објавување и на неправосилни судски одлуки.

– Судот со мнозинство гласови одлучи дека тоа е дел од транспарентноста и дека е многу важен елемент за враќање на довербата на граѓаните во судскиот систем и поведе постапка – нагласи Костадиновски.

Нема постапка за блоковската поделба на тарифите

Во однос на блоковската поделба на тарифите за потрошувачка на електрична енергија, тој рече дека Судот одлучил да не поведе постапка, со што остануваат во сила постојните правила утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.

– Во однос на блоковите за потрошувачка на електрична енергија, Судот со мнозинство гласови одлучи дека не се поведува постапка, што значи дека сега останува истиот правен режим, односно истите правила за одредување на цената на електричната енергија низ тие четири блока како што се утврдени од Регулаторот – посочи Костадиновски.

За линеарното зголемување на пензиите – другпат

За линеарното зголемување на пензиите, Уставниот суд не донел одлука, поради изедначен резултат при гласањето, а предметот, како што рече, ќе се разгледува по комплетирањето на судискиот состав.

– Во однос на пензиите Уставниот суд не донесе одлука. Како што знаете, Судот поведе постапка, изрази сомнеж во уставноста на одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, меѓутоа на денешната седница гласовите се поделија и резултатот е изедначен што значи дека нема одлука. Таа одлука ќе чека до доаѓањето на нови судии. Знаете дека работиме со еден судија помалку, од први јануари ќе работиме со двајца судии помалку. Се надеваме дека и Судскиот совет и Собранието ќе си ја завршат на време својата работа, затоа што денеска ова не беше единствената одлука која не доби мнозинство. И на претходните седници ни се случува да се поделат гласовите, а одлучуваме за битни работи. Така што, овој предмет во однос на линеарното зголемување на пензиите ќе чека до доаѓањето на нови судии – појасни Костадиновски.

Поврзани содржини