УСТАВНИОТ СУД ЌЕ ЈА ОЦЕНУВА УСТАВНОСТА НА БАЛАНСЕРОТ Судиите одлучија да биде поведена постапка по иницијативата на Антикорупциска
Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на балансерот ја покрена Државната комисија заспречување на корупцијата, која ги оспори членовите во Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, каде се употребен терминот „припадност на заедница“.
Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на алатката балансер со која се регулира правичната застапеност на припадниците на заедниците при вработувањата во јавната администрација, кусо информираа од Судот. Повеќе детали за денешната одлука Уставниот суд ќе соопшти наскоро.
Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на балансерот ја покрена Државната комисија заспречување на корупцијата. Оспорени се членовите во Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, каде се употребен терминот „припадност на заедница“, како и Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавниот сектор.
Антикоруоциската комисија во иницијативата наведува дека со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото. Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.
„Припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо. Припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор“, навела ДКСК во иницијативата до Уставниот суд.