Устав на тоалетна хартија
Така, индиректно, 61 пратеник ја заложуваат државата на нешто за што директно немаат уставна надлежност. Го „уловиле уставот“ со закон, владина одлука или подзаконски акт. Да не беше трагично ќе беше смешно.
Ја пишувам својата последна колумна. Првата ја објавив пред една година, но мислам дека го кажав своето. Во време на раѓање на третата светска војна, да не кобам, ова прашање е неважно, но за мене – најважно. Да образложам.
Во теоријата на правото, Уставот не е обичен закон. Тој е алфа и омега на една држава: највисокиот правен акт, штитот на суверенитетот и гаранцијата дека ниедна минлива политичка гарнитура нема да може да го прекрои темелот на државата според сопствените дневни потреби. Токму затоа, неговата измена не е оставена на проста парламентарна математика, туку на квалификувано мнозинство – две третини од пратениците, осумдесет гласа, како симбол и реална потврда на широк национален консензус.
Но, во македонската политичка лабораторија одамна функционира една чудна равенка во која 61 е поголемо од 80.
Рецептот за „Уставна стапица“
Механизмот е едноставен и затоа опасен.
Власт што располага со својот „биолошки минимум“ од 61 пратеник седнува на маса со друга држава и таму потпишува меѓународен договор со кој се обврзува дека ќе го измени сопствениот Устав. Договорот потоа се ратификува со истото тоа тенко мнозинство и, согласно член 118 од Уставот, станува дел од внатрешниот правен поредок.
Кога ќе дојде редот за вистинската уставна измена – онаа за која Уставот бара 80 гласа – квалификуваното мнозинство престанува да биде заштитен механизам и се претвора во формална пречка под политички и меѓународен притисок. Пратениците веќе не се прашуваат дали промената е исправна или штетна; тие се ставаат пред ултиматум:
„Или гласајте, или државата ќе прекрши меѓународен договор.“
Така, индиректно, 61 пратеник ја заложуваат државата на нешто за што директно немаат уставна надлежност. Го „уловиле уставот“ со закон, владина одлука или подзаконски акт. Да не беше трагично ќе беше смешно.
Зошто ова не е „европска практика“
За да не останеме само на домашен терен, а воедно и за да видиме како е кај оние кои инсистираат на уставна промена, вреди да се погледне како ова прашање е решено во сериозни уставни системи.
Во Германија, Основниот закон (Grundgesetz) експлицитно забранува меѓународен договор да наложи уставна измена ако таа измена не може да се изгласа со потребното квалификувано мнозинство. Договорот не смее да се потпише – додека Уставот не се смени по внатрешна процедура. Надворешната обврска не смее да ја заобиколи внатрешната заштита.
Во Шпанија, Уставниот суд има јасна пракса: меѓународен договор што имплицира уставна промена мора прво да помине уставна ревизија, па дури потоа да се ратификува. Обратниот редослед се смета за повреда на уставниот поредок.
Во Франција, пак, ако договорот е во судир со Уставот, тој не може да се ратификува без претходна уставна измена која доаѓа по референдум. Нема „правна шизофренија“ во која договорот станува повисок од Уставот само затоа што е потпишан.
Само кај нас, уставната заштита се третира како бирократска формалност што може да се прегази ако надворешниот притисок е доволно силен.
Султанскиот декрет и современиот апсурд
За да се сфати длабочината на оваа правна бесмислица, мора да се вратиме во април 1903 година. Тогаш османлискиот султан Абдул Хамид II издава декрет со кој строго ја забранува употребата на терминот „Македонија“ – во секој официјален и приватен контекст. Ако мислевте дека први се Грците што ни забранија, еве ви понова информација. А, ако сега мислите дека Грците се првите – не, не се. Први се римјаните, кои подоцна го вратиле името на провинцијата во „Македонија“ (прва и втора) од административна практичност. Но, да се вратиме на „пусто турско“.
Денес, наследниците на Османлиската империја се современите Турци и државата Турција. А Турција, како што е познато, има редовно комплицирани односи со Грција. Сега замислете една хипотетички невозможна, но правно целосно дозволена ситуација: Турција, како наш стратешки партнер, во име на „духот на пријателството“ и како официјално извинување за неправдата од 1903 година, ѝ нуди на Македонија билатерален договор. Бара во тој договор само едно – државата да си го врати уставното име кое султанот го забранил: Македонија. Договорот, како и секој друг, би бил ратификуван со просто мнозинство и, согласно член 118 од Уставот, би станал дел од внатрешниот правен поредок.
Ако логиката што денес ни се сервира е исправна – дека секоја ратификувана меѓународна обврска мора да се исполни без оглед на уставната процедура – тогаш и оваа промена би била „неминовна“. Ако, пак, одговорот е дека таков договор не може да произведе уставно дејство без двотретинско мнозинство, тогаш паѓа тезата дека меѓународниот договор може индиректно да го заобиколи Уставот. Во двата случаи, проблемот не е во примерот, туку во логиката што се обидува да се прогласи за европски стандард.
Смртта на суверенитетот
Кога Уставот ќе го изнесете на пазар и ќе го понудите како гаранција во меѓународни зделки, вие го претворате во обична салфетка на која секој посилен играч може да си ги допише своите желби. Директно пукате во Македонскиот суверенитет. Ако 61 глас можат да ја врзат државата со обврска што бара 80, тогаш улогата на квалификуваното мнозинство е исмеана и девалвирана.
Во таков систем, државата повеќе не се води по волјата на народот, туку по логиката на „потпишаното“. Македонија престанува да биде суверена уставна држава и станува правен полигон во кој меѓународните договори се судираат меѓу себе – врз грбот на домашното право. Математиката во која 61 е поголемо од 80 не е креативност во политиката. Таа е правна глупост која води во капитулација.
Затоа е неопходно јасно и недвосмислено преиспитување и поништување на тој опасен преседан – не од дневната политика, туку од институцијата што единствено има задача да го чува уставниот поредок, дури и кога сите други молчат: Уставниот суд.
Резиме
Се прашувате некогаш зошто народот бега од државата? Да ви одговорам – бега од изигрување. Бега зошто наместо стабилност, менуваме правила во лет. Бега затоа што општеството ни е глуво за интелигенцијата. Зошто чуварите на законите се прекршители, чуварите на уставот го третираат како тоалетна хартија за плата која обичниот човек може да ја сонува. Ете затоа драги мои читатели народот бега. Во земја во која се купуваат станови за 2000 евра по квадрат, со просечна плата од 700 евра, очигледно проблемот не се парите.
Личната обврска „една година да пишувам колумни во јавно гласило“ – исполнета. Со почит, ваш Методија Анѓелкоски