УСТАШТВОТО ЈА ТРЕСЕ ХРВАТСКА, НОВ СКАНДАЛ СО ИЗЛОЖБА Виси во воздух и концертот на Томпсон во Загреб

Бед блу бојсите од фудбалскиот клуб Динамо го облепија Вуковар со фотки од четници и војници од ЈНА како реакција на закажаната изложба „Србинка“. Изложбата беше одложена за декември. Во меѓувреме, градот Загреб изгласа забрана за поздравот „За дом спремни“ што ја отвора можноста за забрана за концертот на познатиот Томпсон најавен за 27 декември.

306

Напнатоста во Хрватска продолжува, откако навивачката група на Динамо, Бед блу бојси, во Вуковар ги облепила јавните објекти со фотографии од четници и припадници на ЈНА. Поводот е изложбата „Србинка, хероина на Големата војна“, која требаше да се отвори вечерва, но по реакциите и притисоците од владата и градските власти, таа е одложена за декември.

Изложбата беше закажана во организација на Српскиот културен центар Вуковар, Здруженото веќе на општините и Генералниот конзулат на Србија, по повод Денот на примирјето во Првата светска војна.






Притоа, на зградата на Здруженото веќе на општините биле поставени транспаренти со натписи „Ко о чему – Срби о херојима“ и „Влада РХ или РСК?!“.

На социјалните мрежи, Бед блу бојси објавиле дека „тешко е да се разбере зошто токму сега во Вуковар се отвора изложба за српски хероини од минатото, кога има многу ‘актуелни’ јунаци од поновите војни“.

„Овде не се работи за некаква игра, туку за подмолно смислена провокација“, напишале навивачите на својата страница.

Министерката за култура Нина Обуљен Коржинек изјави дека отворањето на ваква изложба „во овој момент не е соодветно, не поради содржината, туку поради впечатокот“. Слично мислење имал и потпретседателот на Владата на Хрватскса и министер за одбрана Иван Анушиќ.

– Со оглед на случувањата и барањето на градоначалникот, решивме да испратиме порака на мир и разбирање. Отворањето ќе го одложиме за декември – изјави претседателот на ЗВО, Дејан Дракулиќ.

Градоначалникот на Вуковар, Маријан Павличек, побарал изложбата да не се одржи во ноември, месецот кога градот се сеќава на жртвите од 1991 година.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, јавно соопшти дека го забранува користењето на поздравот „За дом спремни“ на сите јавни настани во градот, нарекувајќи го „печат на омразата од минатото што не смее да се врати“, јави Индекс.

Градското собрание ја изгласа забраната по итна постапка. Со ова се отвора можноста да биде забранет концертот на Томпсон закажан за 27 декември по јулскиот концерт на бендот на кој имаше инциденти со познатиот усташки поздрав.

Тимот на Марко Перковиќ Томпсон реагираше на зборовите на Томашевиќ со соопштение објавено на Фејсбук, во кое рече дека изведбата на песната „Бојна Чавоглаве“ била целосно легална и дека секоја забрана за концерт би претставувала прекршување на правосилна судска одлука.

Реакција за изгласаната забрана во Загреб стигна и од партијата ХДЗ. Градскиот комитет на ХДЗ денес ги обвини движењето „Можемо“ и партијата СДП дека воведуваат политичка цензура во Загреб под изговор дека наводно „воведуваат критериуми“ и се ставаат над законот и судовите со цел да го забранат концертот на Марко Перковиќ Томпсон.

Во меѓувреме се појави и информацијата дека снаата на Лепа Брена, пејачката Прија го претекнала Томпсон во бројот на продадени билети за еден ден за концерт, односно со бројки, 1,6 милиони купени карти за новогодишниот настап на Прија во споредба со околу 500.000 за Томпсон.

Се чини дека напнатоста околу усташтвото и поздравот „За дом спремни“ во Хрватска се разгори на 3 ноември во просториите на градската четврт Блатине во Сплит кога за време на одбележувањето на Денот на српската култура, што го организираше Српското културно друштво „Просвјета“.

Сплитската полиција приведе девет лица осомничени за инцидентот на Блатине, кога група екстремисти упадна на фолклорна приредба на Српското културно друштво „Просвјета“, јавува Далматински портал.
Меѓу приведените е и новоизбраниот претседател на месниот огранок на ХДЗ за тој кварт, Јаков Ќалета.

На 8 ноември вивачите од групата Торцида и ветераните од војната одржаа протест во Сплит поради апсењето на 9 лица кои учествуваа во инцидентот по повод Денот на српската култура. Секретарот на групата Стипе Лекиќ одржа говор на кој ги изнесе барањата.

Полицијата во Сплит извести дека протестот на навивачката група Торцида што се одржа на Рива помина мирно, без инциденти или потреба од интервенција, со полициски надзор и обезбедување на безбедноста на граѓаните.

На 7 ноември повеќе од педесет маскирани мажи, главно млади, беснееја пред Српскиот културен центар на улицата „Прерадовиќева“ во Загреб, каде што се одржува изложба. Тие се собрале очигледно како знак на протест против одржувањето на Деновите на српската култура.

Потоа започнала потерата на полицијата по нив. Една група од десетина мажи била запрена на улицата „Далматинска“. Полицијата им ги проверила документите и ги пуштила.Но потерата по учесниците во инцидентот продолжила и на други места во центарот.

Во еден момент, еден од маскираните хулигани плукнал кон фото-репортерката на „Индекс“.

Поврзани содржини