УСЛОВНА КАЗНА ЗА НАПАЃАЧОТ НА ДАНЕЛА Арсовска не побара отштета, Нуредини вети дека ќе се поправи

Судот ја прифати вината и извинувањето на Реџеп Нуредини, Данела Арсовска не побара оштета и не се приклучи кон кривичниот прогон.

145

Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече условна казна затвор од две години на Реџеп Нуредини, кој во јуни ја нападна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во населбата Чаир. Казната нема да се реализира доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.

Судот ја донесе оваа одлука врз основа на признание на вина од страна на обвинетиот, кој во текот на судската постапка изразил искрено каење и се извинил за своето однесување.






Бранителот на Нуредини, адвокатот Насер Рауфи, по завршувањето на рочиштето изјави дека ваквата пресуда е резултат на соработката на обвинетиот со судот.

– Обвинетиот Реџеп Нуредини денеска покажа искрено каење за стореното и за грубото однесување кон оштетената. Градоначалничката покажа доблест и не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту најави имотно-правно побарување. Тоа помогна да се изрече максимално алтернативна казна – изјави Рауфи, додавајќи дека Нуредини ветил дека ќе се воздржи од вакви испади во иднина.

Одбраната посочи дека обвинетиот придонел за ефикасно завршување на постапката, поради што судот го прифатил предлогот за условна казна и пробациски надзор.

Градоначалничката Данела Арсовска, пак, по излегувањето од судницата беше видно вознемирена и не даде изјава за медиумите.

Според обвинението, Нуредини се товари за кривично дело „насилство“ од член 386 став 1 од Кривичниот законик. Настанот се случил на 11 јули годинава, околу 11:30 часот, на улица Севастополска во Чаир, кога обвинетиот ја навредувал и ѝ се заканувал на градоначалничката за време на увид на дивоградба, со што предизвикал чувство на страв и несигурност во јавноста.

Поврзани содржини