Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 65 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 703 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 60 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 30 приеми.
Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 12 примени пациенти и четири биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле бил примен еден нов болен, а осум пациенти биле примени на Клиниката за детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 10 пациенти. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 43 оздравени пациенти.
Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 313 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 139 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 154 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 39 пациенти. На Клиниката за детски болести има 8 деца позитивни на ковид 19 вирусот, а на ГАК има 9 позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 35 болни.
„Вкупно 703 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка“, информираат од ресорното министерство.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1036 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1739 и има околу 220 празни болнички кревети во ковид центрите.
Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 122 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 89 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 49 пациенти, во Велес се лекуваат 102 болни, а во Куманово 90 пациенти позитивни и суспектни на ковид- 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 109 пациенти, во Прилеп 144 во ковид центарот во Гостивар 44, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 99 пациенти, во Кочани 33 во Кичево 31, Кавадарци 78, а во Гевгелија 26 лица позитивно и суспектно на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.