УШТЕ ОД ОПОЗИЦИЈА ГО ДОГОВАРАМЕ СТРАТЕШКИОТ ДОГОВОР СО ВТОРАТА СВЕТСКА СИЛА Големите битки се добиваат со големи сојузници

Ние не можеме да се натпреваруваме и со соседите и пошироко, без големи сојузници. Ние не можеме да се бориме за човековите права на Македонците, без големи сојузници. Ние не можеме да очекуваме нашиот глас биде слушнат без големи сојузници, а мислам дека после стратешкиот договор кој што го имаме со САД, овој е втор од таков тип и многу кажува за позиционирањето на Македонија, вели вицепремиерот Александар Николоски.

349

Апсолутно ова беше процес кој траеше повеќе месеци, би рекол и години, рече вицепремиерот Александар Николоски за постинатиот договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.

– Еве, ќе кажам прв пат во јавност, ние уште кога бевме опозиција, иницијални контакти почнавме на оваа тема, така што воопшто работата не е случајна и воопшто работата не е нешто што се случило преку ноќ. Сметам дека вчерашниот ден ќе остане запаметен како историски и дека ќе се бележи во историјата на Македонија, како ден во кој што сме постигнале стратешко партнерство со втората светска сила. Затоа што Велика Британија е единствената кралска империја која што преживеа во светот, е нуклеарна суперсила, е земја членка во Советот за безбедност на ОН, земја победничка во Втората светска војна, земја со најголемо културолошко влијание во светот. Затоа што англискиот јазик е стандард за секој човек кој што сака нешто плус да направи од себе, а културата, британската култура, англиската култура, е таа што доминира, дали е тоа во Велика Британија, дали е во Комонвелтот, дали е во Австралија, Канада, во САД, тоа е културата која што во моментов ја доминира не само западната цивилизација, туку и во целиот свет – рече Николоски во гостување на Сител.






Николоски укажа дека во тие услови, „држава од некаде 1,8 милион жители, без излез на море, каква што е Македонија, која што ние многу ја сакаме и за која што се бориме, да успее, да воопшто дојде на мапата на премиерот на Велика Британија и да двете влади се согласат за Договор за стратешко партнерство, мислам дека многу зборува. Затоа што Договорот за стратешко партнерство значи дека нашите односи се на највисоко можно ниво, што ќе значи многу за Македонија и во делот на политика и во делот на економија – рече тој.

Според вицепремиерот Николоски освен економскиот многу важен е и политичкиот дел.

– Сојузник како Велика Британија, Македонија, за жал, во минатото немала, а големите битки на светската сцена се добиваат со големи сојузници. Ние не можеме да се натпреваруваме и со соседите и пошироко, без големи сојузници. Ние не можеме да се бориме за човековите права на Македонците, без големи сојузници. Ние не можеме да очекуваме нашиот глас биде слушнат без големи сојузници, а мислам дека после стратешкиот договор кој што го имаме со САД, овој е втор од таков тип и многу кажува за позиционирањето на Македонија – констатира Николоски.

Поврзани содржини