Уште некое време ќе бидеме „колекционери“ на стари увезени автомобили

Нема ограничување на староста на возилата, но при регистрација може да се регистрира патничко возило кое има најмалку еуро 4 норма на издувни гасови, велат од Царината.

2,228

Земјава и натаму останува место за складирање на половни автомоби со стандард на емисија на штетни гасови под еуро 5 кои Европа полека ги истиснува од употреба за сметка на еуро 6 стандардот. Дополнително, иако Европа веќе ги истиснува и дизел возилата, кај нас најмногу се увазуваат токму такви возила, а старосната граница на увезени возила и натаму е висока.

Министерството за економија најави дека од годинава ќе забрани увоз на возила кои го задоволовуваат стандардот под еуро 5 за да се намали загадувањето на воздухот со штетни издувни гасови. Најавени беа и субвенциите за вградување плински уреди во постарите возила, како и можни субвенции за купување хибридни возила, како директна финансиска помош за оние кои сакаат своите возила со стандард под еуро 4 да ги заменат со нови со еуро 5 и еуро 6 стандарди.






Сега од Министерството велат дека активностите ќе почнат од мај.

– На почетокот на мај 2021 година Министерството за економија ќе започне со изработка на анализа која треба да даде податоци за промена на Правилниците за зголемување на стандардите за увоз на возила, односно да се укине еуро 4 стандардот. Откако ќе биде изработена анализата и согласно податоците ќе се пристапи кон промена на Правилниците – велат од Министерството за економија.

Од Царинската управа, пак, велат дека нема ограничување за старосната граница за увоз на возила.

– Нема ограничување на староста на возилата, но при регистрација може да се регистрира патничко возило кое има најмалку еуро 4 норма на издувни гасови – велат од Царината.

Оттаму додаваат дека повеќе се увезуваат возила со дизел погонски мотор.

Увозниците на половни автомобили велат дека доколку се реализира најавената мерка на Владата за запирање на увозот на возила со еколошки стандард под еуро 5, ќе им биде зададен сериозен удар.

– Возилата со еуро 5 стандард се поскапи и ќе треба да вложиме повеќе пари за да ги донесеме, но нема никаква гаранција дека и ќе ги продадеме. Причина за тоа е слабата куповна моќ на населението – најголем интерес има за поевтините возила, додека цените на оние со еуро 5 стандардот најчесто се движат од 3.500 евра па нагоре – велат продавачи на половни возила.

Импортерите на возила, пак, се жалат дека ланската година ја звршиле со пад на продажбата на нови возила за повеќе од 30 отсто поради пад на куповната моќ на граѓаните, но и поради конкуренцијата од продавачите на половни автомобили.

– Граѓаните поради состојбите во економијата се воздржуваат од потрошувачка на акцизни стоки, а воедно и претпријатијата поради намалената деловна активности и намалените приходи, се воздржуваат од нови инвестиции – велат од Групацијата на инпортери на возила на Сојузот на стопански комори.

Со заздравувањето на економијата и излезот од економската криза што ја предизвика пандемијата, тие очекуваат следниот период да се преземат мерки со кои ќе се стимулира купувањето нови возила, особено оние на електричен погон.

– Некои мерки Владата веќе ги најави, чија реализација очекуваме што поскоро да отпочне – велат од Групацијата на импортери.

Податоците на Царината покажуваат дека и на почетокот на годинава бројот на половни возила кои се увезени е во пораст во однос на истиот период лани.

Во првите два месеца од годинава се увезени 5.851 возила. Од нив половни се 4.955,  а нови кои ги задоволуваат повисоките еколошки стандарди се 896. Во истиот период лани, пак, се увезени 4.617 возила, додека за цела година лани се увезени вкупно 32.278 возила од кои половни биле 26.265 возила. Во 2019 година, пак, вкупно се увезени 48.969 возила. Од нив половни се 41.479 возила.

Поврзани содржини