УШТЕ ЕДНО ВЕТУВАЊЕ ДЕКА ВОЗОТ ОД СКОПЈЕ ЌЕ СТАСА ВО СОФИЈА На 29 октомври, ќе се сече трета лента за почеток на работите на првата траса
ападното крило од Коридорот 8 кон Република Албанија, во должина од 63 километри ќе претрпи промени поради забелешките од УНЕСКО,
На 29 октомври официјално ќе биде означен почетокот на изградбата на првите две делници од пругата на Коридорот 8 – од Куманово до Бељаковце и од Бељковце до Крива Паланка, а работите треба да се финализираат до крајот на 2025 година, за што се обезбедени сите потребни средства и е завршена експропријацијата на земјиштето.
Според проектната документација, на првата делница од пругата треба да бидат изградени железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта, на втората ќе има станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта, додека на третата, долж 24 километри се проектирани 25 тунели и 51 мост.
Како што информира на денешната средба со новинарите директорот на „ЖРСМ Инфраструктура”, Хари Локвенец, делницата од Куманово до Бељаковце долга 31 километар ќе ја гради конзорциумот „Штрабак” која има рок да ја заврши за 24 месеци. Компанијата ветила дека ќе заврши со работа за 18 месеци.Вториот дел ќе го работи турската компанија „Ѓулермак” која има рок за го заврши проектот 36 месеци. Двете компании работите на терен ќе ги започнат на 18 октомври.
– Тоа значи дека до крајот на 2025 година ние би ги имале завршено двете фази од пругата до Република Бугарија, до Крива Паланка – рече Локвенец, при што дополни дека 54 проценти од првата делница е веќе изградена.
За третата фаза од изградбата на пругата, од Крива Паланка до границата со Бугарија, се подготвува тендерска документација која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот да биде завршен до крајот на следната година, кога би требало да биде означен и почетокот на изградбата.
– Рокот за изградба на овој дел од пругата е четири години и ве уверувам дека овде не е прашање дали можеме. Тоа значи дека до крајот на 2027 година ние би имале готова пруга кон Бугарија. За да стигне возот до Софија или од Софија до Скопје потребно е и нашите колеги од бугарска страна да ја завршат својата работа. Имаме ветување со нивните проекции дека својата работа тие ќе ја завршат до 2027 година. Тоа значи дека буквално сме комплементарни во својата работа и се надополнуваме во реализацијата на овој важен инфраструктурен проект- нагласи Локвенец.
Тој уверува дека роковите ќе бидат испочитувани, со оглед дека се исполнети сите три предуслови – обезбедени се средствата, со огромна помош од ЕУ и грант средствата кои ги имаме добиено од Унијата, како и од ЕБРД со поддршка на канцеларијата на оваа банка во Скопје.
– Првпат можам да ја информирам македонската јавност дека пред почеток на самата градба „Македонски железници – Инфраструктура” стопроцентно ја има завршено експропријацијата за третата фаза од пругата и таа нема да претставува закана во понатамошниот тек на реализација на овој проект – вели Локвенец, кој додава дека за првите две делници од пругата Куманово до Крива Паланка се решени 1500 предмети за експропријација.
Инаку, Бугарија за Коридорот 8 има добиено 1,8 милијарди евра од ЕУ која целосно ќе ја финансира изградбата на нова траса од Софија кон Ѓуешево.
Што се однесува до изградбата на пругата кон Република Албанија која е долга 63 километри , информира Локвенец , се прават промени поради поради забелешките од УНЕСКО.
Овој дел од пругата треба да биде завршен до 2030 година и од потребните 530 милиони евра половина се очекува да се обезбедат во форма на грант од ЕУ.
Проектот за пругата кон Бугарија е почнат во 1994 година, а работите првпат беа стопирани во 2004 година. Продолжија една деценија подоцна, во март 2014 година, но не беше испочитуван поставениот рок за завршување на работите до 2016 година, поради, според официјалните образложенија, проблемите од имотно-правен карактер. Активности на терен нема од јуни 2020 година, кога тогашниот изведувач германски „Вибе” еднострано го раскина Договорот.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) лани во јануари објави тендер за избор на изведувачи на пругата, а постапката беше заокружена минатиот месец, кога беа потпишани договори со „Штрабак” и „Ѓулермак”. Дел од тендерот е и договорот за реконструкција на пругата од Ногаевци до Неготино на Коридорот 10, во должина од 31 километар, а изведбата на инвестицијата од 4,8 милиони евра ја доби „Штрабак”. Вкупната финансиска конструкција за трите договори изнесува над 200 милиони евра.