УШТЕ ЕДНА ГОЛЕМА СВЕТСКА СИЛА ЈА ВОЗДИГНА МАКЕДОНИЈА НА НИВО НА СТРАТЕШКИ ПАРТНЕР Која е суштината на декларацијата што ќе ја потпишат Ердоган и Мицкоски
Турција, по своја иницијатива, го подига нивото на односите со Македонија. Овој факт има посебно значење сега, по настапот на премиерот Мицкоски на конференцијата на американцските републиканци во Вашингтон, каде што тој беше претставен како лидер на земја која е голем стратешки партнер на САД.
Декларацијата што ќе ја потпишат македонскиот премиер Христијан Мицкоски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е многу повеќе од потврда на традиционално добрите односи меѓу Македонија и Турција. Таа значи и продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со посебен акцент на економската соработка, инвестициите и на трговската размена.
Но, потписот врз заедничката политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво, значи и нешто друго – Турција суштински го подига нивото на односите со Македонија и нашата земја ја воздигнува на рамниште на важен стратешки партнер.
Овој факт има посебно значење сега, по настапот на Мицкоски на конференцијата на американските републиканци во Вашингтон, каде македонскиот премиер, пречекан, сослушан и испратен со овации, беше претставен како лидер на земја која е голем стратешки партнер на САД.
Многу е важно да се нагласи и тоа дека потпишувањето на Заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво е предложено од страна на Турција во октомври 2024 година, земја која има дведецениско искуство во операционализација на односите со стратегиските партнери. Моделот што го има развиено турската надворешна политика се нарекува Совет за стратегиска соработка на високо ниво (HLSCC), или Совет за соработка на високо ниво (HLCC). Двата механизма, всушност, се идентични и се дизајнирани да ги консолидираат и да ги унапредат вкупните билатерални односи на Турција со избраните земји партнери, со особен акцент на трговската и на инвестициската соработка.
Досега Турција има воспоставено вакви совети со речиси 30 земји партнери, од повеќе континенти, со најголем фокус на земјите од нејзиното непосредно и пошироко опкружување. Од нашите соседи тука се Албанија, Србија, Бугарија и Грција.
Во однос на Македонија, имајќи ги предвид односите меѓу двете земји и евалуацијата на нивната динамика, а во функција на консолидација и натамошен подинамичен развој на односите и соработката, како и во функција на олеснето и ефикасно следење и координација на богатата и разновидна соработка во различни сфери, оценето е дека е неопходна соодветна операционализација на стратегиското партнерство низ институционализирана структура и поцврста рамка на билатералната соработка. Темелите за ова се содржани во клучниот документ со наслов „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција“, потпишан во Анкара, на 11 ноември 2008 година.
Вообичаено, советите се состануваат еднаш на две години. Со нив претседаваат клучните носители на извршната власт, во нашиот случај претседателот на македонската влада Мицкоски и претседателот на Република Турција, Ердоган. Клучната координативна улога ја имаат министерствата за надворешни работи, под чија надлежност се договорите и протоколите кои треба да се формализираат на седницате. Од тој аспект, содржински, седниците на советите претставуваат, всушност, заедничка седница на двете влади.