УШТЕ ЕДЕН КЛУЧЕН ТЕСНЕЦ НА ИСТОКОТ ПОД ЗАКАНА Се јавија Хутите од Јемен, еве го нивниот услов
Хутите од Јемен предупредија дека може да го затворат стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб и да прогласат поморска блокада против САД и Израел. Заканата доаѓа во момент кога Ормускиот теснец веќе е под силен притисок поради војната со Иран.
Движењето Ансар Алах, познато како Хути, предупреди дека може да го затвори стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб во Црвеното Море. Заканата доаѓа во момент кога Иран веќе го блокира Ормускиот теснец во Персискиот Залив, што дополнително ја зголемува опасноста за глобалните трговски и енергетски рути.
– Доколку се донесе одлука за воена интервенција против Иран, една од првите мерки ќе биде прогласување поморска блокада – изјави функционерот на Хутите, Абед ал-Тавр.
Според него, трговски и воени бродови што се движат кон САД или кон израелските пристаништа би можеле да бидат запрени.
Втората мерка што ја разгледуваат Хутите е целосно затворање на теснецот Баб ел-Мандеб за бродови што пловат кон Израел.
Овој теснец е клучна врска меѓу Црвеното Море и Аденскиот Залив. Преку него минува голем дел од глобалната трговија меѓу Европа и Азија.
Заканата доаѓа во момент на драматична ескалација во регионот. Според извештаите, Корпусот на исламската револуционерна гарда веќе го блокира Ормускиот теснец.
Тоа значително го забавува еден од најважните светски енергетски коридори. Доколку се затвори и Баб ел-Мандеб, глобалната трговија и транспортот на нафта би можеле да се соочат со сериозен удар.