УШТЕ 8 ДЕНА ПРИТВОР ЗА СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ Ќе се гони за наведување на самоубиство
Притворот е продолжен врз основа на опасност од бегство и повторување на делото.
Основниот Кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство и му го продолжи притворот за уште осум дена на Стојанче Јовановски, сопруг на починатата Ивана Јовановски. Притворот е продолжен врз основа на опасност од бегство и повторување на делото.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за Јовановски, за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела: наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.
На критичниот ден, како што посочи Обвинителството, претходеле неколку настани, а осомничениот најпрво се заканувал и започнал да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да и се заканува дека ќе ја убие со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и и нанел телесни повреди – хематоми по главата и телото.
„Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка и. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.