УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН ПОВТОРНО НА ЧЕЛО НА ЕУ Избрано раководството на Европа за тешки времиња
Лидерите на ЕУ доцна синоќа го одобрија предлогот договорен меѓу Европската народна партија, социјалдемократите и либералната група „Да ја обновите Европа“ за поделбата на врвни раководни позиции во Унијата, со што поранешниот португалски премиер Антонио Кошта е избран за претседател на Европскиот совет, актуелната претседателка на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен е номинирана за реизбор на функцијата, а естонската премиерка Каја Калас е именувана за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
За целосно завршување на процесот на назначување на водечките функционери во ЕУ, Фон дер Лајен треба да биде избрана од Европскиот парламент со мнозинство гласови од вкупниот број европратеници.
Според дипломатски извори, италијанската премиерка Џорџа Мелони, која претходно изрази несогласување со договорот за распределба на највисоките позиции во ЕУ, се воздржала од гласањето за кандидатурата на Фон дер Лајен, а се изјаснила против изборот на Кошта и Калас.
Естонската премиерка Каја Калас порача дека е „почестена“ што е номинирана за кандидат за следен висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, нарекувајќи го тоа „огромна одговорност“.
„Вашата доверба значи многу. Војната во Европа, зголемената нестабилност во нашето соседство и на глобално ниво се главните предизвици за европската надворешна политика“, напиша Калас во објава на Икс.
Таа додаде и дека ѝ е „драго што ќе работи“ со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Со силно чувство за мисијата ќе ја преземам одговорноста да бидам следниот претседател на Европскиот совет. Ќе бидам целосно посветен на промовирањето на единството меѓу сите 27 земји членки и ќе се фокусирам и на поставување на вистинскиот пат на Стратешката агенда, која ја одобри Советот на ЕУ и која ќе обезбеди насоки за Европската унија за следните пет години“, објави на Икс поранешниот португалски премиер Антонио Кошта, откако доцна синоќа лидерите на ЕУ го избраа на оваа функција.
Тој им се заблагодари на членовите на Европскиот совет за укажаната доверба со неговиот избор, на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), која го номинираше за функцијата и на португалската Влада за поддршката за да биде избран.
– Воодушевен сум поради одлуката на Европскиот совет да ја предложи Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија и да ја назначи естонската премиерка за висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност. Со нетрпение очекувам тесна соработка со нив во духот на лојална соработка меѓу европските институции. Би сакал да му се заблагодарам на Шарл Мишел за неговата огромна посветеност на Европа и му посакувам се најдобро во преостанатото време од неговиот мандат како претседателот на Советот на ЕУ, наведе Кошта.
Тој официјално ќе ја преземе оваа функција на 1 декември, кога ќе заврши мандатот на Мишел.