УРБАНИТЕ ДЕЛОВИ ЌЕ ЗАЗЕЛЕНАТ, КУМАНОВО ЌЕ СЕ ШИРИ КОН НАДВОР Димитриевски најави детски катчиња, зеленило и нови паркиралишта
Ќе се отворат нови градежни зони каде инвеститорите ќе може да градат, а градот да се шири кон надвор, бидејќи урбаниот развој на Куманово мора да биде балансиран меѓу изградбата и зачувувањето на просторот за живот, вели кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски.
Околината на зградите на булеварот Октомвриска револуција наскоро ќе добие нов изглед, најави денеска кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
– Во следниот период сите партерни содржини околу зградите ќе бидат уредени, ќе бидат проширени сите постоечки паркинг простори и уредно обележани, како составен дел од втората зона за паркирање, која ќе ги опфати и месните заедници „Панче Пешев“ и „БС Гојчо“. Паркирањето ќе биде бесплатно за сите што се со место на живеење на оваа адреса – нагласи Димитриевски.
Сите зелени површини вклучувајќи го и „Ореов лад“, ќе бидат задржани и нема да се дозволи урбанизација на тој потег, а на таа локација ќе се изгради нова детска градинка и дополнително нови зелени површини, додаде Димитриевски.
Кај локалитетот Табакана ќе се отстранат времените градби и ќе се направи нов паркинг простор, детско катче и повеќе зелени површини, додаде тој, а ист ќе биде пристапот и за просторот кај „Скара кај Жмара“, каде ќе се изгради и спортско-рекреативен комплекс и ново место за игра на најмладите, како и за комплексот К4, каде ќе никне ново катче за најмалите, нови зелени површини и проширен паркинг простор.
– Затоа, ќе се отворат нови градежни зони каде инвеститорите ќе може да градат, а градот да се шири кон надвор, бидејќи урбаниот развој на Куманово мора да биде балансиран меѓу изградбата и зачувувањето на просторот за живот – рече Димитриевски.
Упати и повик до граѓаните за масовен одѕив на 2 ноември на вториот круг од изборите. „Ве повикувам масовно да излезете в недела и да ја дадете вашата поддршка за мене – вашиот кандидат Максим Димитриевски, затоа што Куманово заслужува континуитет и да продолжи да расте и да се развива“, порача Димитриевски.