Упадот на НАТО војниците го налутија Радев, тој побара истрага
Бугарскиот претседател побарал истрага за да се идентификуваат одговорните за немилиот настан.
Бурна реакција од страна на претседателот Румен Радев предизвика упадот на НАТО војниците кои по грешка влегоа фабрика во близина на градот Пловдив, при што предизвикаа страв кај сопственикот и вработените.
– Апсолутно е недопустливо животот и спокојството на бугарските граѓани да бидат изложени на ризик од страна на воените формации, без оглед дали се припадници на бугарската или на странска армија – изјавил денеска Румен Радев на средба со министерот за одбрана Георги Панајотов и на генерал-потполковник Љубчо Тодоров.
Причината за средбата бил упадот на американски војници за време на вежба во производствена работилница во близина на селото Чешнегирово.
Бугарскиот претседател побарал истрага за да се идентификуваат одговорните за немилиот настан.
– Вежбите со нашите сојузници на територијата на Бугарија треба да придонесат за поголема безбедност и доверба во колективната одбрана, а не да создаваат тензии меѓу бугарските граѓани – нагласи шефот на државата.