УНОДЦ: Пандемијата ја зголемува илегалната трговија со дрога
Сиромашните и загрозени лица, поради зголемената стапка на невработеност и недостигот од економски можности би можеле да се свртат кон незаконски активности поврзани со дрогата – производство или транспорт - се наведува во извештајот на УНОДЦ.
Пандемијата со новиот коронавирус го зголемува ризикот од трговијата со дрога, оцени денеска Агенцијата на Обединети нации против дрогата и криминалот (УНОДЦ).
– Сиромашните и загрозени лица, поради зголемената стапка на невработеност и недостигот од економски можности би можеле да се свртат кон незаконски активности поврзани со дрогата – производство или транспорт – се наведува во извештајот на УНОДЦ.
Извршната директорка на УНОДЦ, Гада Вали истакна дека пандемијата со Ковид-19 и забавувањето на економијата „се закануваат да ја влошат опасноста од дрога, додека здравствените и социјалните системи се на раб, а државите имаат проблеми да се изборат со тоа“.
Агенциијата на ОН стравува и дека владите ќе ги намалат буџетите наменети за превенција и грижа за конзументите на наркотици, како и финансирањето на меѓународната борба против трговијата со наркотици.
УНДОЦ апелира до државите да „покажат поголема солидарност и да ги поддржат посебно земјите во развој во борбата против трговијата“.
– Затворањето на границите и другите рестриктивни мерки поради пандемијата предизвикаа недостиг на пазарот на наркотици, но и ја зголемија цената и ја намалија чистотата на супстанците – се наведува во извештајот.
Анализираните податоци до почетокот на 2019 година покажуваат раст на конзумирањето на наркотици, посебно во земјите во развој. Околу 269 милиони луѓе конзумирале наркотици во 2018, што е за 30 проценти повеќе во споредба со 2009 година, кога повеќе од 35 милиони корисници имале здравствени проблеми.
Во 2018 година најкористена супстанца во светот бил канабисот со околу 192 милиони конзументи.