УНИЦЕФ: Училиштата треба да се затвораат последни, а да се отвораат први
Иако доаѓа летен распуст, треба да се размислува за отворање на училиштата во новата учебна година, но пред сè, важно е да се обезбедат услови за безбедно враќање на децата. Иако, пораката на УНИЦЕФ е дека училиштата треба да се последни што ќе се затворат и први што ќе се отворат, генерално, во светот, луѓето повеќе се секираат за кафеаните отколку за училиштата, порача Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, на денешниот брифинг со новинарите.
Според ажурираната студија на социјалните и економските ефекти врз децата, објавена денес од УНИЦЕФ, а спроведена од Finance Think и поддржана од УСАИД, расте бројот на сиромашни деца под влијание на пандемијата, но и искористувањето на детскиот труд во руралните средини кадешто било отежнато наоѓањето на работници за извршување на земјоделските работи, па за таа цел се ангажирале децата кои поради пандемијата не посетуваа настава.
Иако владините социо-економски мерки против ковид-19 го ублажија влијанието врз екстремната детска сиромаштија, повеќе деца живеат под просекот на животниот стандард. Исто така, нарушувањата во услугите за социјалната заштита и образование, и намалената побарувачка за здравствени услуги ги ставија децата во понатамошен ризик со продолжувањето на пандемијата.
„Децата не се лицето на оваа пандемија, но тие се меѓу нејзините најголеми жртви. Со повеќе од една година затворања, празни училници, нарушени услуги, загуби во семејната егзистенција, животот на децата се смени на длабински начин. Погодени се сите деца, од сите возрасти, но за најранливите пандемијата и нејзините социо-економски последици ги влошија претходно постоечките слабости и неповолности. Без дополнителни вложувања во мерки за враќање на пристапот до виталните услуги во заштитата, образованието и здравството, пандемијата може да има доживотно влијание врз децата“, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, на денешниот брифинг со новинарите.
Проекциите во рамките на ажурираната покажуваат дека процентот на деца кои живеат во домаќинства чиј животен стандард е значително под националниот просек (релативна сиромаштија) се зголеми од 27,8 проценти пред пандемијата на 32,4 отсто. Ова става дополнителни 19.000 деца во Македонија под релативната линија на сиромаштија – што е повисоко во споредба со процената од јули 2020 година, од 16.000 деца.
Иако бројот на пријавени случаи на насилство врз деца кој се зголеми веднаш по избувнувањето на пандемијата, во текот на третиот и четвртиот квартал од 2020 година, бројот на пријавени случаи во центрите за социјална работа во споредба со пријавените во полиција значително се намалил. Студијата нагласува дека иако ова намалување може да биде поврзано со намалените ограничувања на движењето, веројатно е дека тоа е резултат и на нарушеното обезбедување услуги за превенција од страна на социјалните работници за време на пандемијата.
Ограничувањето на движењето, карантинот, промената кон учење на далечина и намалената социјализација имале негативно влијание и врз менталната детска благосостојба. Наставниците – 25 проценти во средните училишта и 18 проценти во основните училишта – забележале зголемена вознемиреност и стрес кај учениците со преминот кон учење на далечина.
Наодите во новото истражување повикуваат, како прво, повторното отворање на училиштата да биде приоритет. Училиштата не само што обезбедуваат простор за учење, тие даваат и платформа за суштинска заштита и услуги за ментално здравје. Но, пред сè, треба да се обезбедат услови за безбедно враќање на учениците во училиштата.
„Пораката на УНИЦЕФ е дека училиштата треба да се последни што ќе се затворат и први што ќе се отворат, но генерално, во светот, луѓето повеќе се секираат за кафеаните отколку за училиштата“, порача Ди Џовани.
Како втора ставка на која повикуваат наодите во новото истражување, е вложување напори за целосно нормализирање на социјалната заштита, вклучувајќи ги и услугите за превенција од насилство.
Трето, за да се надминат ризиците поврзани со одложување на неопходните здравствени прегледи на децата, потребно е да се воведат дополнителни мерки за зголемување на довербата на јавноста и побарувачката за услуги, вклучувајќи поддршка за ментално здравје; како и да се вложува во градењето на капацитетите за теле-здравствените услуги, да се воведе ефикасност и да се обезбеди дека здравствениот систем е отпорен на идни нарушувања.
Четврто, за да се одговори на потискористеноста на паричните надоместоци, потребни се дополнителни напори за да се подигне информираноста, како и поддршка при процесот на аплицирање, со цел сите подобни семејства да ја искористат оваа помош.
И петто, психосоцијалната поддршка мора да остане расположлива, достапна и пристапна. Ова вклучува градење на капацитетите на стручниот персонал за поддршка во училиштата и нивно фокусирање врз обезбедување насоки и советувања на ученици и родители кои искусуваат тешкотии во емоционалното и менталното здравје.