УНГАРИЈА ГО ИЗБИРА „ПАТОТ НА МИРОТ“ Орбан тврди дека само Трамп може да донесе мир во Украина
Унгарскиот премиер апелира на мировна стратегија. Според него Европа стои пред два пата, мир или директен судир со Русија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека конфликтот помеѓу Русија и Украина се наоѓа на „историска пресвртница“, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп „не се откажал од својата намера да донесе мир во Украина“.
Орбан оцени дека Европа моментално стои пред „два можни пата“.
– Можеме да излеземе од овој ќорсокак и конечно да се обединиме зад мировната иницијатива на претседателот Трамп, вклучувајќи ги и бирократите од Брисел. Тоа би барало од лидерите кои се залагаат за војна да признаат дека во изминатите три и пол години ги трошат тешко заработените пари на Европејците за војна што не може да се добие на бојното поле – изјави Орбан.
Како втора опција, тој предупреди на сценарио кое води „директно во војна“ меѓу Европа и Русија.
– Ако европските лидери кои се залагаат за војна продолжат да испраќаат пари и оружје во Украина без поддршка од САД, ќе го отворат патот кон европско-руски конфликт. Европа знае каде води тој пат, а последиците секогаш биле трагични – додаде унгарскиот премиер.
Орбан нагласи дека Унгарија го избира патот на мирот.
– Ова е мандат што ни го даде унгарскиот народ, мандат заснован на морал и здрав разум. Во тој дух, денес испраќам писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен – истакна тој.