УНГАРИЈА ЌЕ КУПУВА ГАС ОД ЗАПАДОТ, АМА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД РУСКИОТ Сијарто тврди дека е тоа добро бидејќи гасот ќе доаѓа од повеќе страни
Поголемиот дел од гасот сè уште пристигнува во Унгарија преку долгорочни договори со рускиот Гаспром преку гасоводот Турски тек и неговите компоненти преку Бугарија и Србија.
Унгарија ќе потпише долгорочен договор за снабдување со природен гас од западен правец, изјави денес министерот за надворешни работи на земјата, Петер Сијарто.
„Нема сомнение дека природниот гас ќе биде важен извор на снабдување со енергија за Унгарија на долг рок. Колку повеќе гас можеме да купиме на повеќе правци, толку сме побезбедни. Затоа денес потпишуваме уште еден долгорочен договор за купување природен гас“, напиша Сијарто на Фејсбук, во објава од аеродромот во Будимпешта.
Тој вели дека Унгарија отсекогаш се залагала за диверзификација на енергијата, но не прецизираше од која западна земја ќе се увезува гасот.
„Ова ќе биде нашиот најдолготраен договор за купување природен гас на запад“, додаде Сијарто во соопштението.
Поголемиот дел од гасот сè уште пристигнува во Унгарија преку долгорочни договори со рускиот Гаспром преку гасоводот Турски тек и неговите компоненти преку Бугарија и Србија.
Во 2022 година, преку Турски тек во Унгарија беа испорачани 4,8 милијарди кубни метри гас, а оваа бројка се зголеми на 5,6 милијарди во 2023 година и рекордни 7,6 милијарди кубни метри во 2024 година.