УНЕСКО остана без консензус пред одлуката дали Охрид ќе стане светско наследство во опасност

Усвојувањето на предлог- одлуката беше прекинато откако делегацијата на Норвешка изрази негодување на амандманите кои ги предложи делегацијата на Босна и Херцеговина со кои се дава дополнителен рок земјава и Албанија да поработат на барањата на УНЕСКО.

543

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО го одложи на неодредено време  гласањето за статусот на Охридскиот регион поради немање консензус за тоа дали овој регион треба да се најде на листата на светско наследство во опасност, објави Радио МОФ.

Усвојувањето на предлог- одлуката беше прекинато откако делегацијата на Норвешка изрази негодување на амандманите кои ги предложи делегацијата на Босна и Херцеговина. Со нив на земјава и на Албанија им се дава дополнителен период да постапат по препораките од УНЕСКО, а потоа да се одлучува дали регионот да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. Со амандманите исто така делумно се ублажуваат критиките во текстот на одлуката.

Претседавачот со Комитетот, откако увиде дека не постои консензус, одлучи Комисијата за светско наследство, заедно со претставниците на Норвешка, Босна и Херцеговина, Бахреин и Русија да направат дополнителна средба на која ќе се обидат да ги надминат несогласувањата по предложените амандмани.

Според одлуката, тие дополнително ќе треба да го известат Комитетот за напредокот на нивната дискусија по ова прашање, иако не беше даден нов рок кога би следела одлуката за Охридскиот регион.

Вчера 34 граѓански организации од земјава и од Албанија поднесоа писмо до Комитетот на УНЕСКО, со апел за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.

Претходно државната агенција МИА објави дека е донесена одлука со која земјава и Албанија добиле две години рок да ги исполни препораките на УНЕСКО.

 

Поврзани содржини