УНЕСКО ги прогласи буковите шуми на Длабока Река за светско природно богатство
Локалитетот Длабока Река на планинскиот масив Кораб е со недопрена букова шума во последните 100 години.
Буковите шуми на Длабока Река кои се дел од Националниот парк „Маврово“ вчера се признаени од УНЕСКО како светско транснационално природно богатство.
„Локалитетот Длабока Река на планинскиот масив Кораб со недопрена букова шума што се карактеризира со природни процеси што речиси се недопрени од човекот во последните 100 години е призната за Светско природно богатство на УНЕСКО на антички и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Одлуката за проширување на постојното транснационално природно наоѓалиште на букова шума во Европа, Комитетот на УНЕСКО ја донесе на вчерашната проширена 44-та сесија со која претседаваше Фужоу (Кина).
Номинацијата ја иницираше Министерството за животна средина и просторно планирање и Јавната установа Национален парк „Маврово“, а е изработена со поддршка на Институтот за екологија од Клагенфурт, Австрија и национални експерти.