„УМИРАМ, ИМАМ САМО УШТЕ ЕДНА ГОДИНА…“ Тажна исповед на славниот фудбалски тренер кој ја губи битката со ракот
Некогаш еден од најдобрите фудбалски тренери во светот, Свен Горан Ериксон, откри дека се бори со ракот и дека ја губи таа битка.
Легендарниот фудбалски тренер Свен-Горан Ериксон (75) е тешко болен, откри во исповед за шведските медиуми! Според познатиот стручњак кој своевремено бележеше импресивни резултати со италијанските и англиските клубови, му останува најмногу уште една година живот.
– Сите можат да видат дека имам болест која не е добра, сите претпоставуваат дека е рак, а тоа е. Морам да се борам што подолго. Знам дека во најдобар случај имам околу една година, во најлош случај уште помалку. Мислам дека и докторите што ги имам не можат да бидат целосно сигурни – изјави познатиот фудбалски стручњак кој меѓу другото работеше како селектор на Англија, тренер на Манчестер Сити, Рома, Лацио…
Шведскиот тренер се труди да остане позитивен во тешките моменти.
– Подобро е да не размислуваш за тоа. Треба да си го измамиш мозокот. Би можел постојано да мислам на тоа и да седам дома и да бидам мизерен и да мислам дека немам среќа и слично. Лесно е да се заврши во таа позиција. Но, не, видете ја позитивната страна на нештата и немојте да се оптеретувате со неуспеси, бидејќи ова е секако најголемиот неуспех од сите нив – изјави Свен-Горан Ериксон.
По својата играчка кариера, која ја мина во помалите шведски клубови како десен бек, Ериксон се префрли на тренерската работа и постигна импресивни резултати. По Дегерфорс и Гетеборг во родната земја, Свен-Горан Ериксон беше тренер на Бенфика, Рома, Фиорентина, потоа Сампдорија, Лацио, репрезентацијата на Англија, Манчестер Сити, селекциите на Мексико и Брегот на Слоновата Коска, Лестер, Гвангжу, Шангај и Шенжен, а на крајот и на репрезентацијата на Филипините, што му е последна работа во кариерата.
Со тимот на Гетеборг го освои Купот на УЕФА, три пати беше шампион на Португалија на клупата на Бенфика, но најголемите успеси ги имаше на клупата на италијанските клубови. Како тренер на Сампдорија и Рома, тој го освои Купот на Италија, а најтрофејниот период во кариерата му беше на клупата на Лацио со кој ја освои титулата, два Купа на Италија, два италијански Суперкупа, Купот на победниците на куповите и Суперкупот на Европа.