Уметница од Кавадарци на виртуелен Фестивал за светска квир уметност во Солун

Таа таму се претставува со цртежи од книгата-боенка „Индукција на права” за сексуалноста и сексуалната работа, издадена минатата година во соработка со ХОПС и со македонските сексуални работници.

447

Уметницата Симона Манчева од Кавадарци учествува на третиот виртуелен Фестивал за светска квир уметност во Солун. Таа таму се претставува со цртежи од книгата-боенка „Индукција на права” за сексуалноста и сексуалната работа, издадена минатата година во соработка со ХОПС и со македонските сексуални работници.

– Што е страв, тоа е темата на фестивалот. Се работи за манифестација која трае цел месец, но за публиката целата уметност е отворена од вчера до 28 јуни. Има за цел да им понуди можност на недоволно застапените ЛБГТ-уметници, писатели и активисти од целиот Балкан и од другите избрани региони, да ја откријат својата уметност. Овојпат имаме дигитално прикажување на избрани дела, претстави и работилници, поезија и пишување, видео и филмски презентации, разговори или предавања. Сево ова треба да помогне да ја споделиме креативноста на квир уметниците со пошироката публика, но и да се отворат нови патеки за поврзување и соработка со ЛГБТ-организации низ целиот Балкан и на меѓународно ниво, појасни Манчева.






Таа нагласи дека Солунскиот фестивал предвидува да ги менува длабоко вкоренетите погрешни сфаќања и предрасуди кон квир и ЛГБТ-заедницата преку уметнички и културни практики. Фестивалот бил основан во 2018 година и воден од посветен тим на волонтери.

Фестивалот е воден од вербата дека уметноста има моќ да отвори нови начини на комуникација, како и да служи како мост помеѓу разновидноста. Има за цел да поттикне дијалози и да развие алтернативни методи за решавање на социјалната дискриминација, додаде 31-годишната уметница, која е магистер по науки од ликовната уметност.

Според организаторите, појасни таа, Солун е стратешки лоциран помеѓу Балканот, Турција и Блискиот Исток, региони каде што ЛГБТ-заедниците честопати се маргинализирани. Се верува дека сево ова ќе придонесе за намалување на предрасудите кон различните и нивно прифаќање во сите овие земји.

Поврзани содржини