📽️ УКРАЛ АВИОН И ПРЕДИЗВИКАЛ ХАОС ВО ВАНКУВЕР Пилот со Цесна го блокирал авиосообраќајот, запрени сите летови
Неидентификуван маж украл мал авион од Викторија и предизвикал драматичен инцидент над еден од најпрометните аеродроми во Канада – сите слетувања и полетувања биле итно прекинати.
Воздушниот простор над Меѓународниот аеродром во Ванкувер вчера беше привремено затворен откако маж украл мал приватен авион Цесна 172 и почнал неовластено да кружи над градот, предизвикувајќи паника и хаос меѓу воздухопловните власти.
Малиот авион полетал од Меѓународниот аеродром во Викторија, каде што бил користен за обука на пилоти, и прелетал околу 65 километри северно кон Ванкувер, каде почнал да кружи опасно ниско, објави Си-Ен-Ен.
– Имаме киднапиран авион во близина на аеродромот – се слуша на аудио-снимка од кулата за контрола на летање објавена на веб-страницата „LiveATC.net“.
– За секој случај, ако дојде кон вас, имате слобода да се засолните – ги предупредува контролорот пилотите во близина.
Ситуацијата станала уште поалармантна кога Цесната ја преминала пистата на само 6,5 километри пред Боинг 737 на Вестџет, кој бил принуден да го прекине слетувањето во последен момент. Сведоците на земјата го забележале авионот како „остро завива“ на мала надморска височина, додека другите летови биле пренасочувани.
– Правеше прилично остар свиок на мала надморска височина. Помислив: „Леле, дали е ова авион во неволја?“ – изјавил очевидецот Пол Хини за канадската телевизија Си-Би-Си.
Видеа објавени на „YouTube“ го покажуваат моментот кога авионот слетува на пистата во Ванкувер, по што веднаш бил опкружен од полициски возила и безбедносни екипи.
Од аеродромот соопштија: „Безбедносен инцидент со мал приватен авион во воздушниот простор во близина на YVR предизвика привремено прекинување на пристигнувањата“.
Според официјалните информации, девет летови биле пренасочени, а сите летови биле запрени на околу 39 минути.
Avsec crisis ! A suspect was arrested at Vancouver International Airport (YVR) after allegedly highjacking a light aircraft from the Vancouver Island area on Tuesday (July 15).
Richmond RCMP received the report that a Cessna 172S Skyhawk SP (C-GTLF) had reportedly been… pic.twitter.com/lV9PbTfmRb
— FL360aero (@fl360aero) July 16, 2025
Осомничениот е уапсен на самото место, а полицијата потврди дека тој бил единствениот патник во авионот. Засега не се откриени неговиот идентитет, ниту мотивите за кражбата.
Воздушните власти, полицијата и Федералната служба за транспорт на Канада спроведуваат заедничка истрага, додека јавноста очекува одговори на прашањето – зошто и како беше овозможено вакво нарушување на безбедноста на еден од најголемите аеродроми во државата?