УКРАИНСКИТЕ БЕГАЛЦИ ГИ ИСТИСНАА БАЛКАНЦИТЕ ОД ГЕРМАНИЈА Први на удар тие без легален престој
Најголемиот број лица се депортирани од германските градови Коесфелд, а помал број од градовите Карлсруе, Минхен, Хамбург, Хале, Касел, Триер, Берлин и други.
Германија, Италија, Швајцарија, блискоисточните земји, САД, Австралија, Нов Зеланд, но и Хрватска, Црна Гора, Србија и Грција се земји каде што македонските државјани најчесто одат да работат. Дел од нив се обидуваат и да останат засекогаш во овие земји.
Меѓутоа, најпосакувана за живеење е Германија каде што голем број наши сограѓани кои нашле работа се обидуваат да влезат во цензусот за добивање право на населување. Дел од нив, ова право се обидуваат да го добијат и преку барање азил.
Приказните обично завршуваат добро, но дел од нив имаат и лош крај, па нашинците мораат да се вратат назад. Само од Германија во првата половина од годинава се протерани 454 македонски државјани кои на најразличен начин се обидувале да останат да работат и да живеат таму.
Но протерувања има и од други земји. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во првата половина од годинава во земјава присилно се вратени 600 луѓе. Лани биле депортирани околу 500 македонски државјани.
– Најголемиот број лица се депортирани од германските градови Коесфелд, а помал број од градовите Карлсруе, Минхен, Хамбург, Хале, Касел, Триер, Берлин и други – велат од МВР.
Освен од Германија, додаваат од МВР, согласно горенаведената Спогодба, во значително помал број депортација на македонски државјани се врши и од Австрија, Белгија, Италија, Грција и од други земји.
Причините за нивното присилно враќање се различни но најчеста е нелегалниот престој.
– Македонските државјани кои се депортираат од Германија се наши државјани со нелегален престој во Германија и согласно Спогодбата помеѓу РСМ и Европската заедница за преземање на лица со кои престојуваат без дозвола (Сл. весник бр. 141 од 22.11.2007 г.) истите се депортираат во РСМ. Имено, согласно претходно утврдена процедура германските власти се обраќаат до македонското МВР каде се вршат потребните проверки за лицата – појаснуваат од МВР.
И од агенциите за вработување во странство велат дека во земјите како Германија каде што вработените имаат права кои кога ќе се стекнат тешко се губат, не е лесно и без оправдана причина да се депортира. Според нив, во овој случај, станува збор за азиланти или работници кои таму се вработиле на црно и имаат поминат рок на дозволите за престој.
Зоран Кочоски од Агенцијата Коузон вели дека Германија веќе најавила одредени измени во аплицирањето за работни визи поради економската состојба и ветувањето дека ќе го регулира престојот на бегалците од Украина.
– Во овој период, иако уште се бараат работници од одделни струки во Германија, се најавува намалување на потребата од работна сила, но кога тоа ќе случи не се знае. Овие депортации за кои се информира деновиве најверојатно се за лица кои бараат азил од кои Германија сака да се ослободи, за да ги намали социјалните трошоци, но и како резултат на големиот прилив на бегалци од Украина. Планираниот цензус од 70.000 до 120.000 лица со право на населување во Германија е веќе надминат. Таму има прилив на 4 до 4,5 милиони бегалци од Украина, а 300.000, според мои информации, веќе се изјасниле дека сакаат трајно да се доселат во Германија. Тоа, како што реков, го надминува дозволениот раб и земјата ќе треба да се ослободи од други доселеници кои незаконски живеат таму или бараат азил. Верувам дека една од причините за овие депортации е токму тоа. Но можеби и во Германија е дојдено времето кога државата треба да се прочисти од сите оние кои незаконски живеат таму, односно без право на престој и да почне да ги спроведува законите – вели Кочоски.
Тој додава дека и покрај ваквата состојба работодавците од Германија уште бараат одделни струки на работници.
– Германија веќе најави некои измени во визната политика и добивањето работни визи. Сè уште нема официјални измени но сигурно ќе се случат наскоро. Повеќе причини има за ваквото однесување на оваа земја, но покрај бегалците и економската криза и стравот од рецесија ја тера владата да води политика која ќе биде приспособена на актуелните состојби. Инаку од оваа земја тешко се депортираат работници кои ги поминале сите процедури за добивање работа и престој – додава тој.
Од агенциите за посредување при вработување во странство велат дека иако најголемиот дел од земјите од ЕУ имаат слично законодавство, секој има свои специфики во однос на доселувањето и добивањето работни визи. Дел од нив, поради големата потреба од работници замижуваат пред големиот број работници на црно, но сега кризата најверојатно ги тера да им се вратат на законите.
– Примерот со Германија го покажува тоа. Можеби и во Германија е дојдено времето кога државата треба да се прочисти од сите оние кои незаконски живеат таму, односно без право на престој и да почне да ги спроведува законите. Најавите за промени во однос на укинување на лотаријата за визи и слично сѐ повеќе говорат за ова – вели Кочоски.
Со оглед на кризата со енергенси и намалување на производството, велат нашите соговорници, во одделни земји поради штедење и затворање на производни процеси, можно е голем број од работниците кои се заминати да работат на црно да бидат откриени и вратени дома.