УКРАИНКАТА НАДЕЖДА БЕСПОМОШНО ПЛАЧЕ, ЗАГРИЖЕНА ЗА СВОЕТО СЕМЕЈСТВО Само сакам ова да заврши и да останат живи

Многу се секирам, се слушам со мајка ми по три пати на ден и додека јас плачам, таа ме храбри и ми вели: „Ќе преживееме, не се секирај, ќе живееме ние“, раскажува низ солзи Украинката Надежда Андоновска која живее во Скопје повеќе од две децении.

1,017

Надежда Андоновска е Украинка која дошла во Скопје во 1997 година од Москва каде што работела во тој период. Мажена е за Македонец, имаат две деца од 6 и 8 години и живеат во скопската населба Козле. Последнава година, иако по струка е машински техничар, работи во месарницата „Поповски“ во трговскиот центар Лептокарија. Токму таму и се видовме денеска со неа, додека беше излезена за да зборува со својата мајка.

Надежда е од Херсон, јужна Украина, каде што живеат нејзините родители, додека братот и неговото семејство се во Киев. Со нив се слуша по неколку пати на ден и уште не може да поверува што се случува во нејзината татковина каде што последен пат била летово заедно со своите деца.






Живее во скопската населба Козле со сопругот и нивните две деца од 6 и 8 години, со кои заедно летово била во Украина.

– Ниту летоска, ниту пак деновиве додека секојдневно главна тема беше дали Русите ќе ја нападнат Украина или не, ниту јас, ниту моите во Украина не се надеваа дека тоа навистина ќе се случи. Никој не се спремаше за војна, па мајка ми вели дека има резерви за храна за најмногу 10 дена, а потоа не се знае. Во градот каде што живеат родителите, се уништени сите пазари, се бомбардираат фабриките, аеродромот, а го бомбардирале и мостот кој е во близина на местото каде што живее мајка ми. Загрижена сум многу за сите. Ги викнав да дојдат тука, но тоа сега е речиси невозможно. Единствено има шанси да дојде брат ми кој со семејството живее во Киев, но војната го затекна, како и сите други, целосно неподготвен за ваква ситуација, во Катманду. Тој беше да го освојува Монт Еверест и сега кога војната почна не може да си оди кај своите. Нормално дека е многу загрижен за сопругата и за својата шестгодишна ќеркичка, но нема како да се врати дома. Јас сакам да дојде тука, ама не знам што ќе одлучи. Има и еден другар во Полска каде што може да престојува, а таа опција мислам дека повеќе му одговара за да биде поблизу до Киев – вели Надежда низ солзи.

Таа во родниот град живеела 19 години и вели дека многу поубав им бил животот пред да се распадне СССР, па дури и дека кога некој би ја прашал неа, подобро би било да дојдат Русите, отколку војната да трае долго и да има многу жртви.

– Никогаш не сонував дека може да дојде до ова и сега кога се случи, дознав за тоа од еден од сопствениците на месарницата каде што работам. Се шокирав и веднаш се јавив кај моите. Мислам дека сите се во шок и таму, барем што се однесува до народот. Многу се секирам, се слушам со мајка ми по три пати на ден и додека јас плачам, таа ме храбри и ми вели: „Ќе преживееме, не се секирај, ќе живееме ние“. Во Киев има престрелки дури и на улиците, а многу луѓе си заминале од своите домови и отишле кај роднини во оние делови каде што е засега побезбедно, меѓу нив и многу колешки на мајка ми. Таа е медицинска сестра, ама не одат на работа, буквално, ништо не функционира, таму е војна – раскажува Надежда со растреперен глас.

Нејзината вујна пак живее во Доњецк, во ДНР, која Русите ја признаа за независна, но и таму исто така се водат борби.

– Мајка ми се слуша со неа, ама тие се навикнати веќе на војна, бидејќи кај нив постојано има борби веќе со години. Мојата пријателка од Киев отишла со семејството кај мајка ѝ во Дњепар-Петровск, Источна Украина, каде што е засега мирно, ама моите не можат да дојдат тука, да знам дека се на безбедно.
Страшно е тоа што се случува таму, живот во страв, бомби и сирени. Само сакам да престане – вели Надежда.

Поврзани содржини