📷 УКРАИНЦИТЕ ВО ТЕСНО ВО КУРСК, НЕМААТ РАЗУЗНАВАЊЕ ОД САД Путин сака да го врати регионот пред преговорите за мир?
Институтот за проучување на војната пишува дека постои корелација помеѓу одлуката на САД на 5 март да престане да споделува разузнавачки информации со Украина и почетокот на рускиот напредок во Курск.
Руските сили го освојуваат северниот делот во Курската област окупиран од украинските сили, по неколку дена засилени руски активности во областа, анализира Институтот за проучување на војната(ИСВ). На новите мапи кои ги објави институтот може да се види дека Украинците се опколени со територии со руска војска.
„Геолокацираните снимки објавени на 8 март покажуваат дека руските сили ја зазеле Новаја Сорочина (северозападно од Суџа), Малаја Локња (само јужно од Новаја Сорочина) и Лебедевка (јужно од Малаја Локња) и полињата меѓу населбите“, се вели во анализата.
ИСВ пишува дека постои корелација помеѓу одлуката на САД на 5 март да престане да споделува разузнавачки информации со Украина и почетокот на рускиот напредок во Курск.
САД исто така ја суспендираа воената помош за Киев.
Јуриј Подољак, проруски воен блогер роден во Украина, рече дека има проблеми да ги следи настаните бидејќи рускиот напредок бил толку брз и украинските единици сега биле заробени во неколку џебови во Курск.
„Во текот на изминатите четири дена, руските војници исчистија толкава територија во регионот Курск колку што некогаш не можеа ниту за неколку месеци“, проценува рускиот блогер Рибар, близок до Министерството за одбрана.
Русија почна да ги враќа териториите во Курск по украинскиот упад во август 2024 година. Првите пробиви беа бавни. Според ИСВ, во октомври Русија распореди околу 12.000 севернокорејски војници.
– Првата линија е пробиена – тврди Рибар, додавајќи дека Русите се концентрирани на пресекување на главните патишта кои водат од Курск до Украина. Руските сили во неделата повторно зазедоа уште три населби во Курск.
Украинците во август окупираа околу 1.300 квадратни километри од регионот, но до февруари оваа година Русите вратија повеќе од 800.
Во неделата воените блогери објавија дека се водат големи битки и за градот Суџа. Руските војници поминале 15 километри долж главниот гасовод криејќи се неколку дена во цевката пред да ги изненадат украинските сили во близина на градот.