УКРАИНА СЕ ОТКАЖУВА ОД НАТО Зеленски бара силни безбедносни гаранции
Оваа одлука на Украина претставува компромис со цел да се стави крај на војната со Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена да се откаже од долгогодишната стратешка цел – членство во НАТО, во замена за силни западни безбедносни гаранции. Ова претставува компромис со цел да се стави крај на војната со Русија.
– Украина е подготвена да се откаже од своето барање за членство во НАТО доколку САД и Европската Унија понудат доволно силни безбедносни гаранции во рамките на тековните преговори за завршување на војната во Украина. Зборуваме за билатерални безбедносни гаранции меѓу Украина и САД, т.е. гаранции слични на Член 5 од НАТО, како и безбедносни гаранции за нас од нашите европски партнери и други земји како што се Канада, Јапонија и други – рече Зеленски, пренесе „Фајненшл тајмс“.
Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, денеска во Берлин пристигнаа порано како дел од американската делегација за преговори за украинскиот мировен процес.
Извори од германската влада изјавија за „Билд“ дека разговорите со претставниците на Украина во Берлин ќе траат два дена, а дека прелиминарни разговори ќе се одржат денес со советници за надворешна политика, вклучувајќи претставници на САД и Украина.
Средбата меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски е закажана за утре вечер.