УКРАИНА СЕ ЧИСТИ ОД КОРУПЦИЈА, ЛЕТААТ ОСТАВКИ И РАЗРЕШУВАЊА! Среде војна се крадело на сите страни

Зеленски најави дека и други високи функционери ќе ја напуштат владата во следните денови. Тој кажа дека ќе спроведе серија смени во владата, регионалните власти и во безбедносните служби.

352

Заменик-министерот за одбрана на Украина поднесе оставка откако беше соопштено дека Министерството купувало храна по многупати повисоки цени од редовните. Прехранбени производи како јајца и компири биле нарачувани по цени два до три пати повисоки од просечните, што укажува на можна корупција, објави во саботата украински портал.

Министерството ги отфрли обвинувањата за корупција, а во изјава на Фејсбук министерот за одбрана, Олексиј Резников, рече дека надуените цени се резултат на грешка на добавувачот. Веднаш потоа оставка на функцијата поднесе неговиот заменик Вјачеслав Шаповалов, кој беше одговорен за набавки.






Во меѓувреме, заменик-јавниот обвинител Олексеј Симоненко, и официјално е разрешен откако вчера поднесе оставка поради обвинувањата за корупција. Наводно тој во декември отишол на одмор во Шпанија и користел мерцедес кој бил во сопственост на бизнисмен од Лавов, чија тутунска фабрика произведувала цигари за црниот пазар, пишува „Киев Индипендент”. По оставката на Симоненко, Советот за национална безбедност и одбрана им забрани на највисоките функционери да патуваат во странство, освен кога тоа го вршат по службени задолженија.

Еден од клучните соработници на украинскиот претседател Володимир Зеленски поднесе оставка во пресрет на најавените промени во владата. Кирило Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на Зеленски, беше вмешан во скандалот со користењето скапи автомобили, што тој го демантира.

Зеленски најави дека и други високи функционери ќе ја напуштат владата во следните денови. Тој кажа дека ќе спроведе серија смени во владата, регионалните власти и во безбедносните служби. Локалните медиуми велат дека заминувањето на Тимошенко, кој ја надгледуваше регионалната политика и претходно работеше во изборната кампања на Зеленски, е дел од тие најавени промени. Следни кои би можеле да бидат сменети се регионалните гувернери на Суми, Днепар, Запорожје и Херсон.

Промените доаѓаат во време на сузбивање на корупцијата во Украина, што е едно од клучните барања на ЕУ за унапредување на нејзиното барање за членство.

Заменик-министерот за инфраструктура Васил Лозински прв беше сменет откако полицијата го приведе за наводно примање мито од 400.000 долари.

 

Поврзани содржини