УКРАИНА ПРЕДУПРЕДУВА ЗА РУСКО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ОН Киев сака да знае за што точно разговарале Русија и САД
Доколку Русија преферира да ја види ОН вклучена во процесот, тоа значи дека има одреден механизам за влијание врз организацијата - правото на вето во Советот за безбедност. Ако го искористат ветото за да блокираат одлуки што не им одговараат, тоа ќе го направи преговарачкиот процес многу потежок, па дури и невозможен. Веќе сме го виделе тоа повеќепати, посочи советникот од Владата на Украина, Сергиј Лешченко.
Украинската делегација на денешните преговори со делегацијата на САД во Ријад ја предводи заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Павло Палица, соопшти советникот на шефот на претседателскиот кабинет, Сергиј Лешченко, во изјава за националната телевизија.
– Денеска имаме делегација, предводена од заменикот на Андриј Јермак, легендарниот командант на 93-та бригада „Холодни Јар“, а претходно командант на 5-та јуришна бригада, Павло Палица. Тој остана во Ријад уште еден ден за да одржи дополнителна средба со Американците, по нивната средба со нашите непријатели – изјави Лешченко.
Тој нагласи дека темите, што Русите ги дискутирале со Американците, ќе бараат соодветна реакција од украинската делегација. Лешченко истакна дека во Саудиска Арабија се разгледуваат прашања, поврзани со поморската пловидба и со безбедноста на цивилната инфраструктура.
– Првиот ден од разговорите беше фокусиран на безбедноста на пловидбата во Црното Море и на инфраструктурата. Станува збор за нашите пристаништа, вклучувајќи го и Херсон, кој претходно не беше спомнуван во преговорите, но, исто така, бара заштита, како и црноморското пристаниште Николаев, трите големи пристаништа во Одеса, како и за помалите пристаништа. Сето ова е важно за запирање на уништувањето на цивилната инфраструктура и за обезбедување на сигурноста на храната – рече Лешченко.
Тој додаде дека на преговорите биле спомнати и други инфраструктурни објекти. Според него, секоја средба започнува и завршува со прашањето за враќање на украинските деца од Русија.
- РУСИЈА НА ЗЕЛЕНСКИ НЕ МУ ВЕРУВА НА ЗБОР Без гаранции, Црноморската иницијатива на Трамп ќе пропадне?
Русија сака да ја вклучи ОН во преговарачкиот процес за прекин на огнот бидејќи Москва има влијание врз организацијата, додаде Лешченко.
– Доколку Русија преферира да ја види ОН вклучена во процесот, тоа значи дека има одреден механизам за влијание врз организацијата – правото на вето во Советот за безбедност. Ако го искористат ветото за да блокираат одлуки што не им одговараат, тоа ќе го направи преговарачкиот процес многу потежок, па дури и невозможен. Веќе сме го виделе тоа повеќепати – рече тој.
Како што пренесе Укринформ, рускиот претставник на преговорите во Ријад, Григориј Карасин, предложил ОН и одредени држави да учествуваат во идните преговори за прекин на огнот.
Русија и САД не постигнале заедничка декларација по 12-часовните билатерални преговори во Саудиска Арабија, поради ставот на Украина, јавија руски медиуми, повикувајќи се на рускиот сенатор Владимир Чижов.
Двете делегации вчера ги завршија целодневните разговори, кои беа фокусирани на предложениот прекин на огнот на море меѓу Москва и Киев, како дел од дипломатските напори на Вашингтон за отворање пат кон пошироки мировни преговори.