УКРАИНА ОСТАНУВА БЕЗ РАКЕТИ „ПАТРИОТ“ Џеј Ди Венс е „горд“ што САД ја прекинале испораката
Ракетите „Патриот“ во оваа фаза од војната претставуваат убедливо најдобра одбрана што Украина ја има од руските балистички ракети.
Украина се соочува со критичен недостиг на противвоздушни ракети „Патриот“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во исто време, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, го нарече прекинувањето на помошта за Киев едно од „најгордите“ достигнувања на администрацијата на Трамп, објави „Еуроњуз“.
За време на посетата на Германија, Зеленски вчера за националниот радиодифузер ЗДФ изјави дека ситуацијата со ракетите „Патриот“ е алармантна.
– Недостигот е толку лош што не може да биде полош – рече тој.
Зеленски, исто така, призна дека војната на Блискиот Исток влијае на Украина бидејќи ги намалува шансите на Киев да добие воена помош.
Ракетите „Патриот“, кои се произведуваат исклучиво во САД, се клучни за Украина. Во оваа фаза од војната, тие претставуваат убедливо најдобрата одбрана што Украина ја има од руските балистички ракети.
Затоа, Киев се обидува да развие сопствена домашна антибалистичка воздушна одбрана. Украинскиот производител на оружје „Фајер Поинт“ неодамна објави дека работи на свој систем, со цел да биде во функција до следната година. Компанијата бара соработка со европски партнери во областите на радарската техника, насочувањето и комуникациите.
Зборувајќи на трибина во Атина, Џорџија, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс рече дека е горд што Вашингтон го прекинал финансирањето за Украина.
– Очигледно, тоа е едно од нештата на кои сум најгорд во оваа администрација. Ѝ кажавме на Европа дека ако сака да купи оружје, може, но САД повеќе не купуваат оружје и не го испраќаат во Украина – рече Венс.
Вториот човек во Белата куќа е меѓу најгласните критичари на помошта за Украина во рамките на администрацијата на Трамп.