УКРАИНА НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ ДИКТАТУРА Порошенко го обвини Зеленски дека ја води земјата во погрешна насока
Порошенко смета дека американскиот претседател Доналд Трамп мора да има „план Б“ доколку мировните напори пропаднат.
Петро Порошенко, поранешен претседател на Украина и лидер на најголемата опозициска партија, во интервју за германски „Билд“ остро го критикуваше актуелниот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го дека ја турка земјата кон диктатура.
– Тој е несреќен лидер кој ја води нацијата кон автократија. Но, Украина не е Русија и нема да дозволиме да се воспостави диктатура – изјави Порошенко.
Поранешниот претседател, кој раководеше со Украина од 2014 до 2019 година, е под санкции од украинската власт и му е забрането да ја напушти земјата, а истовремено нема пристап до својата имотна и бизнис-империја, вклучувајќи ја и компанијата за производство на чоколадо „Рошен“.
– Јас сум единствениот опозициски лидер на кој му се наметнати санкции без никакво објаснување. Ова е кршење на владеењето на правото, што е клучно за нашата европска интеграција – вели Порошенко.
Според него, Зеленски се плаши од политичката ситуација и затоа настојува да ги елиминира сите конкуренти.
Во однос на актуелните преговори за примирје меѓу Вашингтон и Москва, Порошенко верува дека во следните два до три месеци ќе стане јасно дали ќе има договор.
– Ако не се постигне примирје во тој период, тогаш нема да се случи воопшто – предупредува тој.
Порошенко смета дека американскиот претседател Доналд Трамп мора да има „план Б“ доколку мировните напори пропаднат. Тој набројува пет приоритети што Трамп треба да ги преземе: поголемо вооружување за Украина, дополнителни санкции против Русија, обнова на трансатлантското единство, финансиска поддршка и забрзување на процесот за влез на Украина во НАТО.
На прашањето дали верува дека Трамп навистина му верува на Путин, како што тврди американскиот претседател, Порошенко одговори: „Тоа е само негов преговарачки стил. Соработував со Трамп три години и сигурен сум дека не му верува на Путин“.
Тој одби да открие детали од неговите претходни разговори со Трамп за рускиот претседател, но нагласи: „Имам целосен впечаток дека Трамп нема доверба во него“.
Во врска со гласините дека Трамп бара Зеленски да поднесе оставка, Порошенко порача дека одлуката за идниот лидер на Украина треба да ја донесе исклучиво украинскиот народ.
Поранешниот претседател исто така предупреди на големите воени загуби на Украина, нагласувајќи дека наместо офанзиви, земјата треба да се фокусира на зајакнување на одбранбените позиции и заштита на војниците.